Skip to main content

Со „Будење“ на кореографката Рисима Рисимкин на 5 мај во Битола се затвора „Танц фест“

Драган Перковски

Со моќната изведба на „Будење“ во кореографија на Рисимна Рисимкин во која настапуваат 30 танчери на 5 мај во 20 часот во Народниот театар Битола ќе се затвори 22. издание на „Танц фест“. Влезот за претставата е бесплатен.

Пред претставата ќе биде доделена Специјалната награда „Менада“ за поддршка на развојот на современиот танц на Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Како завршен настан на Танц Фест 2026, оваа изведба го означува новото поглавје на фестивалот — со излегување надвор од Скопје и отворање кон нови простори и публики.

Фото: Драган Перковски

„Будење“ носи силна сценска енергија и колективно искуство што ги поврзува личното и општественото. Претставата ги истражува меѓучовечките односи, стереотипите и динамиката помеѓу индивидуалниот и колективниот идентитет. Претставата се занимава со воспоставените форми на однесување и нивната деконструкција, отворајќи простор за преиспитување на општествените норми и личните позиции во нив. Телото станува медиум преку кој се изразуваат емоции, конфликти и трансформации. „Будење“ е процес — патување низ личните и колективните слоеви на идентитетот, каде што секој танчер носи сопствена приказна, која се претопува во заедничко сценско искуство. Претставата кулминира како силно, емотивно и визуелно финалe на фестивалот.

Музиката за претставата е на композиторот Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Настапуваат: Адријана Данчевска Ровчанин, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Сара Димовска, Нина Петрушевска, Лука Ѓорѓиевски, Давор Милев, Михаела Колцунова, Теона Ѓуревска, Надја Луканова, Ивона Манасиевска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Марија Андовска, Мила Ангелова, Аника Андоновска, Анеса Бектеш, Нина Ташкова, Ејул Јилмазчобан, Јана Ѓоршовска, Моника Ѓоргиева, Теона Голчева, Ивана Ралев, Евгенија Павловиќ, Евгенија Симоновска, Небеска Шумковска, Теона Димитриевска, Кристина Петрова, Кристина Коцевска, Мила Атанасова, Ана Митревска.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, Општина Битола, како и партнерите и покровители на фестивалот.

Поврзани вести