
Регионалната координација и инвестициите во инфраструктура беа во фокусот на првиот панел од Регионалниот форум за управување со отпад, посветен на градењето функционален систем во Пелагонискиот и Југозападниот Регион, што се одржа во Скопје.
Како што се наведува во соопштението на „Салар интернешнл“, дискусијата, ја отворија Стевче Стевановски, градоначалник на општина Новаци и претседавач со Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО), Ана Каранфилова-Мазневска, раководителка на секторот за управување со отпад во Министерство за животна средина и просторно планирање, Андриана Стојановска, државен советник за регионален развој во Министерството за локална самоуправа, Пеле Халберг, експерт за управување со отпад од Регионалното ЈКП за управување со отпад од Јавле, Шведска и Емил Ангелов, тим лидер во „Салар интернешнл“.

Беше истакнато дека формирањето на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) претставува клучен чекор напред, овозможувајќи платформа за заедничко донесување одлуки, усогласување на приоритетите и координирано планирање на инвестициите. Преку овој механизам, општините за првпат имаат можност да делуваат организирано и координирано.
Паралелно, беше нагласено дека без соодветна инфраструктура не е можно воспоставување функционален систем. Како приоритети беа издвоени изградбата на регионалниот центар за управување со отпад, развојот на претоварните станици и собирните центри, како и обезбедувањето современа опрема за општините. Панелистите посочија дека станува збор за постепен процес кој бара внимателно фазно спроведување и целосна усогласеност со европските стандарди.

Посебен акцент беше ставен на самиот концепт на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), кој беше претставен како интегриран пристап што опфаќа изградба на регионална инфраструктура, затворање на постојните депонии и воспоставување модерна управувачка структура. Беше истакнато дека имплементацијата на овој систем ќе донесе значајни придобивки – подобро јавно здравје, заштита на животната средина и поефикасни јавни услуги.
Искуствата од Шведска дополнително ја потврдија важноста на долгорочното планирање, стабилната институционална рамка и континуираната соработка меѓу сите засегнати страни како клучни фактори за успех на ваквите системи“, се вели во соопштението.

Оперативното функционирање на системот, подготвеноста на јавните комунални претпријатија и вклученоста на граѓаните беа во фокусот на вториот панел на Регионалниот форум за управување со отпад, посветен на оперативноста, ризиците и вклученоста на граѓаните на кој говореа Сашка Брблјиќ, помошник раководител на Секторот за одржлив развој и инвестиции и финансиски експерт во проектната единица на регионалниот проект за цврст отпад при МЖСПП, Вера Благојевиќ, раководителка на службата за комунални работи на ЈКП „Златибор“, Општина Чајетина, Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална Коалиција“ и Мартин Николиќ, проектен координатор во „Салар интернешнл“.
Дискусијата отвори важни прашања за состојбата на терен. Анализата на капацитетите на јавните комунални претпријатија во Пелагонискиот и Југозападниот регион покажа дека системот сè уште се соочува со сериозни предизвици, од ад-хок пристапи во работењето, до недостиг на стандардизирани оперативни процедури, јасна организациска структура и финансиска стабилност. Беше истакнато дека иако се направени значајни чекори напред, потребни се дополнителни напори за да се обезбеди целосна подготвеност на претпријатијата за функционирање во рамки на регионалниот систем“, се вели во соопштението.
Во овој контекст, беа споделени и практични искуства од регионот, кои покажуваат дека трансформацијата е возможна. Со јасна визија, континуирани инвестиции и подобрување на управувањето, комуналните претпријатија можат постепено да преминат кон поефикасни и одржливи модели на работа.

Покрај техничките и организациските аспекти, посебен акцент беше ставен на градењето доверба. Беше нагласено дека транспарентноста, отчетноста и активното вклучување на граѓаните се клучни предуслови за долгорочна одржливост на системот. Без доверба во институциите и разбирање на процесите, ниту една реформа не може да даде целосен резултат.
Во дискусијата беа претставени и конкретните алатки и методологии развиени во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, имплементиран од SALAR International, кои имаат за цел да го подобрат оперативното работење на општините и јавните комунални претпријатија. Овие практични насоки претставуваат важна поддршка во транзицијата кон функционален систем.
Во вториот дел од панелот, фокусот беше ставен на активностите кои што следуваат. Беше нагласено дека општините имаат потреба од континуирана оперативна поддршка, зајакнување на капацитетите и пристап до знаење и ресурси за да можат да одговорат на барањата на регионалниот систем.

Дополнително, беше истакната важноста на активното учество на граѓанскиот сектор, особено во процесот на подготовка на новиот Регионален план за управување со отпад. Инклузивноста и воспоставувањето механизми за отчетност се клучни за да се обезбеди поголема транспарентност и поддршка од јавноста.
Како еден од клучните елементи за одржлив систем беше посочено и собирањето и анализата на податоците. Новата веб-платформа „Регион без отпад“ ќе овозможи централизирано собирање, следење и споделување на информации, што ќе придонесе за подобро планирање, носење информирани одлуки и поголема транспарентност. Заклучокот од панелот беше јасен: воспоставувањето на функционален систем за управување со отпад не зависи само од инфраструктурата, туку и од силни институции, подготвени претпријатија и активни граѓани. Само преку истовремено јакнење на сите овие елементи, реформата може да даде долгорочни и одржливи резултати“, се додава во соопштението.
Регионалниот форум за управување со отпад – „Заедно за регион без отпад: кон функционален и одржлив регионален систем“, што се одржа Скопје е во организација на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од „Салар интернашнл“, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Македонски



