Skip to main content

Биљана Ангелова резбрана за ректорка на УКИМ

Проф. д-р Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт во Скопје, е реизбрана за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Наставно-научниот кадар на секоја од единиците во состав на УКИМ денеска од 12 до 14 часот со тајно гласање избираше меѓу двајцата кандидати за нов ректор – Биљана Ангелова и Дарко Данев.

Ангелова, како што се наведува во Записникот освоила 2924,125 поени, а д-р Дарко Данев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, освоил 2675,875 поени.

Се гласаше на 23 факултети и на пет института во состав на УКИМ. Гласањето започнало и завршило во предвиденото време, а според доставените записници и извештаи на Изборните комисии на единиците, не се констатирани неправилности и проблеми.

Врз основа на член 175, алинеја 10, членовите 180 и 181 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје („Универзитетски гласник” бр. 425/2019) и глава Г), точка 6 од Упатството за постапката за избор на ректор, Универзитетската изборна комисија на 7. седница одржана на 28.4.2026 година, ја донесе следната Одлука за утврдување на избран кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во мандатниот период од 16 септември 2026 година до 15 септември 2029 година. Според доставените резултати од страна на изборните комисии (ИК), од спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во мандатниот период од 16 септември 2026 година до 15 септември 2029 година е избран/а: проф. д-р Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт во Скопје, се наведува меѓу другото во Одлуката на Комисијата.

Наставно-научниот кадар на секоја од единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска од 12 до 14 часот со тајно гласање ќе избира помеѓу двајцата кандидати за нов

Мандатот на ректорот, нагласува УИК, трае 3 години, почнувајќи од 16 септември 2026 заклучно со 15 септември 2029 година.

Правата и обврските на ректорот се утврдени со Законот за високото образование, со Статутот и со другите акти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, се додава во Одлуката.

Против оваа Одлука и Записникот, незадоволните кандидати може да поднесат приговор согласно член 182 од Статутот на УКИМ до Универзитетската изборна комисија во електронска форма на е-адресата: [email protected] и во архивата на Универзитетот во рок од три работни дена, заклучно со 4.5.2026 година.

Гласањето во целост е спроведено во согласност со Законот за високото образование, Статутот на Универзитетот и Упатството за постапката за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. За време на процесот на гласање на дел од единиците беа присутни овластените набљудувачи од еден кандидат за ректор. Според Избирачките списоци на единиците, запишани се вкупно 1.434 гласачи, се наведува во Записникот.

На денот на гласањето, за избор на ректор гласале 1.286 члена на Наставно-научните/Научните/Наставно-научните и уметнички совети. По извршеното гласање 148 гласачки ливчиња се неискористени и 59 се неважечки.

Биљана Ангелова е родена во Скопје. Додипломски и последипломски студии завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и докторирала во 1999 година на Економскиот факултет.

Во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот. Од 2016 година е член на академскиот борд на Конфучиј Институтот при УКИМ и активно работи на научна соработка меѓу Универзитетот за финансии и банкарство во Ченгду, Република Кина и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 2018 година е претседател на надзорниот одбор на Универзитетското друштво за иновации и трансфер на технологии „ИНОФЕИТ“. Од 2018 година е активно вклучена во активностите за промовирање и поддршка на Акцелераторот на УКИМ.

Била член на Комисијата за нострификација на странски високообразовни дипломи при Министерството за образование и наука во областа на општествените и хуманистичките науки. Била иницијатор и прв претседател на Меѓународната асоцијација на економски институти на земјите на Југоисточна Европа во периодот 2012-2013 година. Во 2016 година е избрана за независен член на Надзорниот одбор на Халк Банка Скопје. Учествувала во формирањето на Асоцијацијата за банкарство и информатичка технологија, препознатлива по спроведување на стручни обуки за вработените во банкарскиот сектор, каде е назначена за член на Академскиот одбор. Од 2014 до 2018 година била претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Автор е на повеќе од 70 публикувани научни трудови и трудови презентирани на конференции и печатени во меѓународни списанија, 10 учебници, учебни помагала и прирачници, а учествувала во реализацијата на голем број научноистражувачки и апликативни проекти. Реализирала студиски престои на универзитети и институции во повеќе земји.

Поврзани вести