Skip to main content

Одбраната на газда Деко бара куќен притвор, родителите на жртвите реагираа во судницата

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во Кочани, сопственикот на изгорената дискотека „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, пред почетокот на денешното рочиште во судницата во „Идризово“ до Судот достави дополнителна медицинска документација за неговата нарушена здравствена состојба и побара мерката притвор да биде заменета со куќен притвор.

На ова барање со негодување реагираа родителите на загинатите, кои го следеа судскиот процес во судницата.

Неговата бранителка, адвокатката Ивана Коцевска, посочи дека Обвинителството сѐ уште не се произнело по предлогот за замена на притворот, и побара Судот, како што рече, „да покаже малку човечност и хуманост“, поради сериозното и алармантно влошување на здравствената состојба на обвинетиот.

„Барам Судот да покаже малку човечност и хуманост. Кој било друг човек да беше обвинет во ваква здравствена состојба немаше да остане во притворски услови и молам одлуката да биде донесена без пристрасност и без влијание од јавноста“, изјави Коцевска.

Од Обвинителството во врска со барањето посочија дека дополнително писмено ќе се произнесат, имајќи предвид дека одбраната доставила нова медицинска документација.

„Доколку одбраната инсистира веднаш да се произнесеме, даваме негативно мислење, затоа што од затворскиот лекар имаме став дека потребната терапија може да му се обезбеди и во притворски услови“, соопшти Обвинителството.

Пред Судот барања за укинување на мерката притвор поради нарушена здравствена состојба изнесоа и одбраните на обвинетите Беким Хаџиу и Тодор Јованов.

Одбраната на Шабан Салиу, пак, информираше дека поднела писмен предлог за укинување на една од петте мерки за претпазливост.

Поврзани вести