Skip to main content

Љутков: Универзална сала ќе биде готова до крајот на 2027 година

Влада

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска соопшти дека по подолг период на административни и правни пречки започнува процесот за изградба на Универзалната сала во Скопје.

Тој истакна дека станува збор за објект кој претставува значаен споменик на културата и традицијата, кој треба да биде завршен до крајот на 2027 година, а ќе биде дел и од програмските подготовки поврзани со Европската престолнина на културата 2028.

Љутков појасни дека во изминатиот период процесот бил забавен поради правни и административни нејаснотии, како и поради поделено стопанисување меѓу Град Скопје и Министерството за култура во минатото.

Во моментот кога ги надминавме сите пречки, продолживме со постапката. Министерството за култура и туризам, преку Владата, е инвеститор на проектот по принцип ‘клуч на рака’. Во минатото проектот беше поделен во фази, а сега се реализира како целина“, изјави Љутков.

Тој додаде дека за изградбата е обезбедена сума од околу 20 милиони евра преку Владата и Министерството, нагласувајќи дека Скопје конечно ќе добие обновен културен објект со големо значење за градот.

Во однос на безбедноста на објектот, министерот информираше дека биле спроведени повеќе испитувања и анализи, меѓу кои и експертски оценки, при што било утврдено дека нема ризик за конструкцијата.

Според добиените резултати и експертизата, нема никаква опасност за конструкцијата, што го потврди и професорот Гаревски, рече Љутков.

На новинарско прашање за тоа дали ќе се задржи автентичниот изглед на Универзалната сала, министерот одговори дека проектот предвидува зачувување на препознатливата структура и лик на објектот, со современи архитектонски и функционални подобрувања.

Поврзани вести