
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави мерки за намалување на загубите и поодговорно користење на водата, посочувајќи дека во Градскиот парк досега се користела питка вода, а сега на повеќе локации ќе започне копање бунари за да се намали оптоварувањето на водоводниот систем. Изјавата ја даде при присуство на почетокот на изградбата на Универзална сала.
Тој истакна дека Скопје располага со висококвалитетна вода и дека изворите на Рашче оваа година се во одлична состојба, како што не биле во изминатите 25 години.
„Ова лето нема да ги гледаме оние слики и голготи што ги доживуваа граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, вакви бунари ќе се копаат на повеќе локации низ градот, како и во приградските населби, каде што ќе се субвенционира и бушење сопствени бунари.
Ѓорѓиевски додаде дека паралелно се работи и на обнова на дотраениот водоводен систем, особено таму каде што има големи загуби на вода. Како што посочи, веќе започнала замена на водоводната мрежа во Лисиче и Горно Лисиче.
„Во етапи ќе се менува целата водоводна мрежа низ градот“, уверува градоначалникот, додавајќи дека веќе е почната и замена на водоводните броила.
Тој изрази надеж дека до крајот на мандатот загубите на вода ќе бидат преполовени.

Македонски



