
На 27 април, понеделник. од 19.30 часот во фоајето на Центарот за култура „Mарко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи концертот „Мевлем“. Влезот е слободен. Концертот е со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Проектот „Мевлем“ e уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа. Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав кој учествува во „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас. Во програмата, се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ кои претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија. Меѓу композициите се: „Прегратки“, „Чекорејќи низ небото“, „Рингишпил“, „Лечебна“, „Понекогаш на тебе помислувам“, „Коприва“, „Што се случи со љубовта“, „Вечност“, „Бескрајна песна“, „Мевлем“, „Мигови“, „Вечно дете“, „Копнеж“ и „Убав човек“, како и композициите „Матанго“, „Ја излези“ и „Old bazaar“ кои се наменети за триото виолина, виола и виолончело.
Преку искрена емоција, суптилен аранжман и внимателно избрани зборови, проектот отворa простор за внатрешно доживување и лично препознавање кај секој присутен.
Проектот „Мевлем“ ја потврдува својата вредност и значење на повисоко институционално ниво.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции. Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите. Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, е и крајната цел.

Македонски



