Skip to main content

ОЈО бара притвор за поранешниот претседател на ФФМ

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во периодот од ноември – декември 2024 година, како службено лице, претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за правно лице од Скопје, односно износ што надминува значителна имотна корист.

Сомненијата укажуваат дека делото е извршено така што ФФМ, како членка на УЕФА, во текот на 2024 година добила строго наменски парични средства за ревитализација на спортски терени и инфраскруктура.

Со финансиската поддршка од УЕФА во рамките на програмата „HatTrick VI”, осомничениот започнал постапка за спроведување на проектот – изградба на трибина на Стадион “Билјанини Извори” во Охрид и дал предлог за отпочнување постапка за избор на компанија за реализација на проектот. По одобрување од Управниот одбор, осомничениот поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот. Била избрана најповолна понуда за изградба во вкупен износ од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.

Иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел авансна уплата во износ од 20% од вкупната вредност на договорот пред започнување на градежните работи и без какво било претходно постапување од изведувачот. Притоа не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс.

Го потпишал таквиот договор и на 17.12.2024 година, паричните средства во износ од околу 660 илјади евра кои му биле доверени во службата, со негов налог до службите за исплата авансно ги префрлил на правното лице.

Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и постои оправдан страв дека осомничениот ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, се наведува во соопштението на ОЈО.

Поврзани вести