
Министерот за спорт Борко Ристовски, денеска се сретна со најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, и му упати честитки за успехот што го оствари викендов на престижниот Белградски маратон.
Ристовски истакна дека Министерството за спорт ќе продолжи да ги вреднува врвните резултати и да обезбедува поддршка за спортистите кои достоинствено ја претставуваат Македонија и македонскиот спорт на меѓународна сцена.
– Упатувам искрени честитки за овој извонреден успех. Дарио е еден од нашите најдобри спортисти и еден од најсилните адути на македонската атлетика за претстојните големи меѓународни натпреварувања. Уверен сум дека најдоброто од него допрва доаѓа. Како Министерство за спорт ќе продолжиме да ги вреднуваме резултатите и да вложуваме во нашите врвни спортисти кои се наши најголеми амбасадори во светот – порача Ристовски.
На 39.Балградски маратон, Ивановски го освои второто место, во исклучително силна конкуренција од 2.350 маратонци од 79 земји, завршувајќи ја трката со време од 2:09.35 часа, со заостанување од само 24 секунди зад победникот Гада Гемсиса Гудета од Етиопија.
Резултатот што го постигна во Белград е за помалку од една секунда поспор од националниот рекорд на Ивановски (2:08:26) поставен во февруари 2024 година, што е уште една потврда за неговата посветеност, дисциплина и континуирана врвна форма.

Македонски


