
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс нема да ја предводи американската делегација на новите преговори со Иран во Пакистан, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тоа е само од безбедност. Џеј Ди е одличен“, изјави Трамп за Ек-би-си Њуз, наведувајќи ја причината зошто Венс не патува во Исламабад, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека неговите претставници ќе пристигнат во Исламабад утревечер за уште една рунда преговори со Иран.
Новинарката на „Њујорк Пост“, Кејтлин Дурнбос, објави на мрежата икс дека американскиот претседател Доналд Трамп ѝ потврдил дека делегацијата ќе ги вклучува пратениците Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Претходно денеска, американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Валц, и министерот за енергетика Крис Рајт, сугерираа дека Венс ќе ја предводи американската делегација на разговорите во Исламабад.
Џеј Ди Венс ја предводеше американската делегација на првите разговори во Исламабад, кои се одржаа на 11 април.
Извор: МИА

Македонски


