
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на учеството на Пролетните средби на ММФ и СБ во Вашингтон оствари средба со заменик-генералниот директор на ММФ Бо Ли, на која присустуваше и гувернерот на Народната банка Трајко Славески. На средбата беше нотирана и поздравена заложбата на Владата за натамошна фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит на среден рок под 3 отсто, соопшти Министерството за финансии.
Владата и Министерството за финансии остануваат цврсто на определбата за постепена фискална консолидација и истовремена поддршка на економскиот раст преку обезбеден висок износ на капитални расходи во Буџетот. Клучен приоритет е задржување на стабилноста во јавните финансии, а имајќи ги предвид особено случувањата на меѓународен план и предизвиците кои што произлегуваат особено за мали и отворени економии како нашата – изјавила министерката.
Таа посочила дека покрај напорите за фискална консолидација особено се работи на мерки за одржување и засилување на економската активност којашто имаше позитивен тренд во втората половина од 2024 и во текот на 2025 година и стапки на раст околу и над 3 отсто.
На средбата било потенцирано дека спроведувањето на фискалната консолидација е особено важна за создавање простор во буџетот за реакција на фискалната политика во услови на криза. При тоа било укажано на мерките што се спроведуваат во моментов за поддршка на економијата и граѓаните заради растот на цените на енергенсите а како последица на конфликтот на Блискиот Исток. Министерката посочила дека Владата има внимателен пристап и дека се следи состојбата и се преземаат соодветни мерки за справување со предизвиците.
Соговорниците се осврнале и ги поздравиле наодите на извештајот од Мисијата на ММФ за член 4, којашто беше спроведена во текот на минатиот месец, и упатија на натамошно спроведување на реформите во областа на јавните финансии за кои нашата земја добива значајна експертиза од ММФ.
Исто така, било поздравено и формирањето на новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и Молдавија во зајакнување на институциите, креирање политики и спроведување реформи во согласност со европските стандарди.
Министерката за финансии со средбата со заменик-генералниот директор на ММФ го заврши престојот во Вашингтон, кадешто учествуваше на Пролетните средби на ММФ и СБ, одржа состаноци со високи претставници на ММФ и Светска банка, состаноци во Трезорот на САД, во Стејт департментот, како и средби со повеќе меѓународните финансиски институции и корпорации, се вели во соопштението.

Македонски


