Skip to main content

Најсочниот чоколаден леб со банана: Толку е добар што постојано ќе го приготвувате

Freepik

Доколку сакате да пробате нешто ново и на паметен начин да ги искористите презреаните банани, испробајте го овој рецепт кој се приготвува за 15 минути. Потоа, останува да почекате да се испече и да уживате во слаткиот, вкусен чоколаден банана-леб, кој потсетува на вистински колач.

Состојки:
120 г путер
85 г ситно сечкано чоколадо
3 големи зрели банани
2 големи јајца
1 лажиче екстракт од ванила
2 шолји брашно за печење
1 шолја кристален шеќер
1 лажиче сода бикарбона или прашок за печиво
пола лажиче сол
пола лажиче цимет
По желба, можете да додадете 1 шолја сечкани јаткасти плодови во тестото пред печење.

Приготвување:
Загрејте ја рерната на 175 степени и премачкајте го плехот со путер, па тргнете го на страна.
Ставете путер во голем сад и загревајте го во микробранова печка 1 минута или додека се стопи. Потоа, додајте ги бананите во истиот сад и згмечете ги со виљушка. Сипете екстракт од ванила и јајца во садот со бананите и искористете ја истата виљушка за да ја изматите смесата додека исчезнат жолтите траги од јајцата.

Во друг поголем сад изматете брашно, шеќер, сода бикарбона или прашок за печиво (по избор), сол и цимет. Додајте ги сувите состојки во влажните состојки и мешајте со шпатула додека се соединат, па додајте ги чоколадните трошки.

Префрлете го тестото во приготвениот плех за леб и печете 45-55 минути. Проверете со чепкалка во средината на лебот дали е печен. Чепкалката треба да излезе чиста. За да се осигурате дека лебот ќе се испече рамномерно, можете да го покриете со алуминиумска фолија 20 минути додека е во рерна, но внимавајте фолијата да не се залепи за тестото.

Најдобриот начин да ви остане бабана-лебот сочен со денови е цврсто да го завиткате во пластична фолија. Ако го оставите надвор на собна температура, ќе можете да го јадете три дена откако ќе го направите, а ако го ставите во фрижидер, може да стои и до 6 дена.

Ако сакате да го замрзнете лебот, оставете го целосно да се олади на собна температура на чинија или на решетката кога ќе го извадите од рерна. Кога ќе се олади, завиткајте го лебот во пластична фолија, а потоа во алуминиумска. Замрзнете го лебот до 2 месеца за најдобри резултати.

За да го одмрзнете лебот, извадете го од замрзнувач и оставете го да достигне собна температура, покриен на кујнска површина. Тоа ќе трае околу 24 часа.