
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) годинава за првпат со свој самостоен штанд ја претставува современата македонска литература за деца на престижниот Саем на книги за деца во Болоња, најзначајната меѓународна манифестација посветена на книжевноста за деца, илустрацијата и издаваштвото, која се одржува од 13 до 16 април.
Со внимателно осмислен настап, МАИ преку присутните изданија и специјално подготвените промотивни материјали ќе ја претстави богатата и разновидна домашна продукција за деца. Во фокусот на овогодишното претставување се 32 македонски автори за деца и 19 илустратори, чии дела и визуелни светови сведочат за квалитетот, современоста и креативниот потенцијал на македонската книжевност и издаваштвото за деца.
На штандот на МАИ, кој се наоѓа во халата број 30, се изложени репрезентативни изданија (сликовници, романи и едукативни публикации), како и внимателно подготвени каталози и промотивни материјали наменети за странски издавачи, литературни агенти, илустраторски студија и професионалци од областа на издаваштвото за деца.
Преку овој настап, Асоцијацијата има цел да ја зголеми видливоста на македонската литература за деца на светската издавачка сцена, да отвори нови можности за преводи и издавачки партнерства, како и да воспостави нови професионални контакти со луѓе од целиот свет.
Настапот на Саемот во Болоња е исклучително важен за промоцијата на македонските автори за деца и илустратори во меѓународни рамки. Преку нашиот внимателно осмислен штанд, изборот на најквалитетните изданија за деца во националниот каталог и придружните промотивни материјали, испраќаме јасна порака дека македонската книжевност за деца е подготвена за светската публика, велат од Македонската асоцијација на издавачи.
Присуството на МАИ во Болоња, покрај редовното присуство на најголемиот светски Саем на книги во Франкфурт, претставува уште еден значаен чекор во стратешкото и континуирано меѓународно претставување на македонската книжевност, со особен фокус на најмладата читателска публика и на современата илустрација. Претставувањето е поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
Саемот на книги за деца во Болоња важи за највлијателен светски настан во областа на литературата за деца и млади. Оваа година на него се претставуваат околу 1.500 изложувачи од 90 земји од светот, а се очекуваат над 33.000 професионални посетители.

Македонски


