Skip to main content

Израелската амбасадорка ги поздрави македонските власти за истрагата за обидот за палење на зградата на Еврејската заедница

Израелската амбасадорка во Македонија, Вивиан Аисен, ги поздрави „решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните“ за обидот за опожарувањето на зградата на Еврејската заедница и синагогата во Скопјe.

Аисен, на Х ја респодели пораката на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со која тој го осудува обидот за опожарување.

Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, објави Аисен на Х.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го осуди обидот за опожарување на зградата на Еврејската заедница и синагогата во Скопјe, порачувајќи дека „нашето општество цврсто стои на ставовите за толеранција и мултиетнички соживот“.

Опожарувањето на зградата на Еврејската заедница и синагогата во Скопјe – на Велигден – е крајно неприфатлив и силно осуден. Нема место за вакви дела во Македонија. Истрагата е во тек, а одговорните ќе бидат повикани на одговорност. Нашето општество цврсто стои на ставовите за толеранција и мултиетнички соживот“ се вели во објавата на Х на Муцунски.

МВР соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. -Во СВР Скопје, вчера изутрина во 07.22 часот, Ј.Ј. пријавил дека на ул.„Апостол Гусларот” во двор од верски објект забележал канистар за гориво и траги од горење, информираа за МИА од Министерството за внатрешни работи откако Еврејската заедница во Македонија синоќа извести за обид за опожарување на објект на Заедницата и на синагогата во Скопје. 

Веднаш по добиената пријава од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, дополнуваат од МВР.

Еврејската заедница во Македонија синоќа соопшти дека бил извршен обид за опожарување на нејзиниот објект и синагогата, а амбасадорката на Израел Аисен во објава на социјалните мержи сподели видео од инцидентот и ги повика надлежните да го расветлат случајот. 

Од Еврејската заедница во Македонија го осудија овој чин и упатија апел до надлежните органи за целосно расветлување на случајот и доследна примена на законите, како и за гласна и обединета осуда од сите верски лидери, институции и граѓани. И амбасадорката Аисен ги повика властите да ги изведат одговорните пред лицето на правдата. 

На 12 април, првпат во поновата историја, беше извршен обид за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата. Овој чин не е само напад врз еден верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит.  Еврејската заедница како најмалубројна, но историски длабоко вкоренета заедница на овие простори уште од времето на Антиката отсекогаш го градела својот опстанок и придонес врз принципите на мир, солидарност и заедништво.  Ние сме живееле посебно во нашите верски традиции, но заедно во секојдневието – рамо до рамо со сите наши сограѓани, споделувајќи ги и радостите и премрежјата на ова општество“, се вели во соопштението до медиумите потпишано од претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви. 

Со особена загриженост, стои во известувањето, констатираме дека во последниве години се засилуваат појавите на говор на омраза, нетолеранција и опасно поистоветување на Евреите со сложените геополитички случувања на Блискиот Исток. Таквите тенденции, се посочува, не се само погрешни, туку и длабоко неправедни, и тие го отвораат патот за оживување на антисемитизмот.