Skip to main content

Пилот-проект во Загреб за бесплатен превоз за онколошките пациенти со најголеми потреби

Фото: Пиксабеј

Со цел да се зголеми достапноста на лекувањето и да се олесни пристапот до терапиите, Град Загреб започна пилот-проект за обезбедување услуга за превоз на лицата заболени од малигни болести кои се корисници на загарантиран минимален надомест, соопшти денеска градската администрација.

– Со овој пилот-проект Град Загреб продолжува да ги проширува социјалните услуги, имајќи ги предвид сограѓаните со најголеми потреби, а тоа несомнено се онколошките пациенти. Со превозот од нивниот дом до здравствената установа и назад ќе им се овозможи поголема достапност до лекувањето, особено на оние кои одат на хемотерапија и зрачење – изјави Лора Видовиќ, раководителка на Градската канцеларија за социјална заштита, здравство, бранители и лица со попреченост.

Барање за превоз, кое е достапно на веб-страницата на Град Загреб, можат да поднесат лица заболени од малигни болести кои се корисници на загарантиран минимален надомест и имаат живеалиште во градот. Кон барањето потребно е да се приложи потврда од Хрватскиот завод за социјална работа за користење на загарантираниот минимален надомест, како и медицинска документација со која се потврдува потребата или текот на хемотерапијата и/или зрачењето.

Превозникот е избран преку претходно спроведена постапка за јавна набавка. По завршувањето на пилот-проектот, од Град Загреб најавуваат дека имаат намера да продолжат со обезбедувањето на услугата и да вклучат поголем број корисници.

Поврзани вести