
Европските аеродроми би можеле да се соочат со „системски“ недостиг на авио-гориво доколку пловидбата низ Ормуската Теснина не се нормализира во следните три недели, предупреди организацијата „АЦИ Европа“ (ACI Europe), пренесува „Фајненшл тајмс“.
Во писмото упатено до европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас, организацијата наведува дека залихите на гориво се намалуваат, додека воените активности дополнително го оптоваруваат снабдувањето. Доколку не се воспостави стабилен премин низ Ормуската Теснина, недостигот би можел да стане реалност низ целата Европска Унија.
Загриженоста е зголемена пред почетокот на летната сезона, кога воздушниот сообраќај е клучен за туризмот и економиите на бројни европски земји. АЦИ Европа повика на воведување заеднички механизам за следење на снабдувањето на ниво на ЕУ, предупредувајќи на сериозни економски последици.
Поради растот на цените, некои компании веќе го намалуваат бројот на летови. „Делта ерлајнс“ најави намалување на капацитетот за 3,5 отсто, додека „Ер Њу Зеланд“ и полскиот „ЛОТ“ исто така ги редуцираат линиите и размислуваат за зголемување на цените на билетите.

Македонски


