Skip to main content

Мицкоски: Водиме политика врз основа на бројки, долгот сега е помалку од 1,4 милијарди евра, а во времето на СДСМ беше зголемен 3,7 милијарди

Freepik

Одговорно тврдам дека денес е многу подобро од пред три-четири години и одговорно тврдам дека за три-четири години ќе биде уште подобро од денес. Водиме политика врз основа на бројки, а не политика врз основа на чувства, изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги обвинувањата од опозицијата дека долгот е зголемен на четири милијарди евра.

Мицкоски вели дека јавниот и државниот долг сега е зголемен на нешто помалку од една милијарда и 400 милиони евра, а БДП за 4 милијарди евра за разлика од времето на СДСМ и ДУИ од 2018 до 2023 година кога долгот беше зголемен за 3,7 милијарди евра, а БДП за 3,9 милијарди евра.

Тоа значи дека ако имате компанија и подигнете кредот од 100 парички вие сте успеале за шест години кога била владата на СДСМ и ДУИ тие 100 парички да ги зголемите на 106 парички, со други зборови инфлацијата ви ги изела. Во оваа Влада, од тие 100 парички сте успеале да направите 250 парички односно 2,5 пати повеќе. Тоа е разликата меѓу оваа Влада и онаа влада која ја ограбуваше, распродаваше и уништуваше Македонија – образложи Мицкоски.

Вели дека сите проблеми не може да се решат наеднаш, но дека се решаваат.

Не прифаќам дека оваа Влада е одговорна за целото пустошење, криминал и распродавање на државата што го правеше претходната влада од периодот на објавување на фабрикуваните и монтирани материјали од страна на тогашниот претседател на СДСМ Зоран Заев во 2015 година. Оваа држава беше 10 години систематски уништувана од истите луѓе кои не и мислеа добро на државата ниту тогаш, ниту денес, ниту било кога во иднина – рече Мицкоски.

Во однос на најновите статистички податоци за БДП, Мицкоски рече дека се очекувани и дека ќе продолжат да работат во насока да расте БДП.

Статистика ги објави конечните податоци за БДП за 2024 година и нивелирањето, согласно светските методи. Тоа е од 3 на 3,8 проценти пораст на БДП, нешто што за нас претставува очекувана вредност и очекувам и во периодот којшто следи да продолжиме во таа насока преку раст на БДП – рече Мицкоски.

За потрошувачката кошничка што вчера ја презентираше министерот за економија, премиерот очекува да се разговара на следната седница на ЕСС.

Владата прави пресметка врз основа на критериумите што ги има Евростат и коишто важат за целиот свет. Кај нас има институции коишто си прават сопствени кошнички кои и тие самите не знаат дали се минимални или просечни, па потоа експертите излегуваат и ги демантираат и им велат дека се просечни. Но, она што е важно е дека таа потрошувачка кошничка се презентира на ЕСС на којшто присуствуваат и синдикатите и нивни претставници. Очекувам на следниот ЕСС да биде презентирана и потоа преку Државниот завод за статистика да ја претставуваме на граѓаните – рече Мицкоски.

Поврзани вести