
Женската македонска ракометна репрезентација ја очекува уште последниот дуел од квалификациите на ЕХФ ЕУРО 2026 против Словенија на гостински терен. Македонскиот национален тим веќе е во Велење каде в недела од 18 часот го игра дуелот против домаќинот. Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски веќе го имаа и првиот тренинг во „Рдеча дворана“.
– Мора да играме агресивно, да се бориме за секоја топка и да останеме фокусирани до самиот крај. Сè уште имаме шанса да се квалификуваме за Европското првенство, што го прави секој гол исклучително важен за нас. Верувам дека со срце, карактер и тимски дух, можеме да постигнеме резултат што ќе ни значи многу, изјави капитенот Ивана Гакидова.
Македонската репрезентација е на третата позиција во групата со два бода колку што има и Белгија, но нашата репрезентација има добар меѓусебен скор. Сепак за пласман на Европското првенство може да решава и вкупната гол-разлика на третопласираните селекции од сите групи. Затоа од исклучително значење е евентуален пораз да биде со помала разлика.

Македонски


