Skip to main content

Полицајци од Прилеп отпуштени поради прикривање пукање со службен пиштол

Полицаец приправник во Прилеп пукал со службен пиштол во својот двор, но куршумите завршиле во соба кај соседите. Тој сакал да го прикрие делото и ги зел проектилите од кај соседите и ги ставил во неговиот двор. Исто така, со негов колега, кој му го задолжил пиштолот, по пораки на мобилен телефон се договориле да го негираат делото. Двајцата ќе добијат отказ.

Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против В.Ј. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „попречување на правдата“ и против А.Л. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „помагање“ во врска со „предизвикување на општа опасност“ и „попречување на правдата“.

На 08 декември лани, околу 23:40 часот В.Ј., на работно место приправник во Надворешната канцеларија за криминалистички работи во ОВР Прилеп, во дворот на семејната куќа испукал два пати од службен пиштол на МВР, задолжен од второпријавениот А.Л., на работно место полицаец во Полициската станица Прилеп, кој претходно му го дал на располагање.

Притоа, проектилите завршиле во соба од соседната семејна куќа, а откако на местото пристигнале полициски службеници, првопријавениот со намера да го спречи и отежне докажувањето го земал едниот од испуканите проектили од соседната куќа и го преместил во дворот од својата семејна куќа.

Двајцата полицајци, со намера да го спречат и отежнат докажувањето, со пишани пораки преку телефон се договориле да го негираат настанот во целост.

Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место.

Поврзани вести