
Македонскиот актер Никола Ристановски е добитник на наградата за најдобар актер на втората вечер од јубиларните 30-ти Глумачки свечаности „Миливоје Живановиќ“, кои се одржуваат во Пожаревац.
Ристановски беше награден за улогата на професорот Мишел Бабиќ во претставата „Уна“, во продукција на Звездара театар. И стручниот жири и жири-комисијата составена од публика едногласно одлучиле токму тој да биде лауреат на вечерта.
Претставата „Уна“ е работена по мотиви од роман на Момо Капор, а драматизацијата ја потпишува Стеван Копривица. Режијата е на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а премиерата се одржа во октомври минатата година на сцената „Данило Бата Стојковиќ“ во Белград.
Ова е второ значајно признание за Ристановски за истата улога, откако во 2025 година ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Денови на Зоран Радмиловиќ.
Костимограф на претставата е Ивана Ристиќ, додека музиката ја компонираше Горан Трајкоски.
Фестивалот „Миливоје Живановиќ“ важи за еден од значајните театарски настани во регионот, каде се претставуваат врвни актерски остварувања од балканската сцена.

Македонски


