Skip to main content

Нема зголемување на буџетскиот дефицит, за две години од држава што коленичеше станавме фактор на стабилност, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека и покрај мерките кои се преземаат за ублажување на последиците од кризата и се во полза на граѓаните, но, можат да го намалат приливот во Буџетот, Владата засега не планира да го зголеми буџетскиот дефицит. Доколку во иднина за тоа се јави потреба, вели премиерот, ние имаме опции од каде да ги обезбедиме тие пари и под поволни услови.

-Буџетскиот дефицит во моментот е проектиран на 3,5 проценти проценти. Дали ќе го прошириме ќе зависи од тоа како оваа криза понатаму ќе се одвива и какви ќе бидат приходите во Буџетот. Сега од оваа перспектива, ако ме прашате, не планираме, бидејќи во првиот квартал од годинава приходите се во рамките на планираните. Но, како ќе биде сега во вториот квартал не знам, бидејќи треба да видиме како ќе се одвива кризата. Претпоставуваме, креираме сценарија и врз основа на тие сценарија ќе дејствуваме, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Доколку има потреба да се зголеми буџетскиот дефицит, потенцира премиерот, Владата ќе каже дали тоа ќе биде зголемување на 4 или 4,5 проценти.

-Ние како Влада почнавме со консолидирање на буџетскиот дефицит од нешто над 4,5 проценти и сега дојдовме до 3,5 проценти од БДП. Како ќе биде понатаму, ќе повторам, не знам. Зависи од целокупната состојба глобално. Можеби ќе треба да се зголеми малку буџетскиот дефицит за 0,2 или 0,3 проценти, а можеби и ќе нема потреба. Ако кај нас се тргнат од буџетскиот дефицит трошоците за камати, тогаш ние имаме навистина една стабилна ситуација и тоа наскоро ќе биде, претпоставувам, интересна вест за за медиумите. Можеби ќе бидеме единствената држава во регионот со стабилни изгледи на економијата, за разлика од други економии кои што дел од агенциите веќе им предвидуваат негативни негативен тренд, рече Мицкоски.

Повтори оти во овој момент не се планира проширување на буџетскиот дефицит со нови непланирани задолжувања, но како што рече, ако за тоа има потреба тогаш ќе биде донесено најдоброто решение.

-Ќе се донесе одлука која што ќе биде најдобра, како и до сега. Нема да донесеме одлука која што ќе биде погрешна, така што апсолутно да бидете сигурни дека сите опции се разгледуваат, рече Мицкоски.

Тој не исклучи можност ако има потреба задолжувањето да биде кај домашните банки, но и кај меѓународните. Опција, според него се и кредитите од држава за држава.

-И меѓународни банки се опција. Опција се и друг тип на заеми. Се она кое што нам ќе ни овозможи најдобри услови е опција. Дали ќе биде ова или она, не можам да кажам. Портфолиото е мешано, ќе зависи од условите на пазарот, а секако дека ќе ги земеме најевтино. Ако се прошири буџетскиот дефицит тогаш да ќе бараме пари за да го покриеме. Во разговори сме со македонските банки, но и во разговори со нашите партнери на меѓународната заедница, ние имаме опции од каде да ги обезбедиме тие пари и под поволни услови, Затоа неслучајно го кажав тоа дека некои држави во регионот веќе имаат негативни изгледи во нивниот кредитен рејтинг од страна на некои од агенциите, додека кај нас е стабилен или позитивен, во зависност со која агенција го дава кредитниот рејтинг. Е сега, верувале или не, оваа Влада во овие две години успеа да ги консолидира работите и од држава која што коленичеше станува фактор на стабилност и така ќе продолжиме како Влада да се однесуваме, рече Мицкоски.

МИА

Поврзани вести