Skip to main content
Диме Ратајкоски, директор на Македонскиот КИЦ во Истанбул

Kултурата не функционира како фиксна структура, туку како постојано обликувана средина

Диме Ратајкоски е директор на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Истанбул. Ратајковски е новинар, уредник и сценарист во Македонската радио-телевизија, автор на голем број документарни филмови, телевизиски емисии и репортажи, кои ги истражуваат историјата, културната меморија, уметноста и современите општествени процеси. Бил главен и одговорен уредник на МТВ1, во 2016 година ја реализира изложбата „Животот во војна: Велушина 1917“, со фотографии од Македонскиот фронт во Првата светска војна, а заедно со Душко Апостолоски е автор на изложбата „Лица на револуцијата“, поставена во МАНУ, 2023 година, со оригинални фотографии од илинденскиот период, по повод 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО.

Активен член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), каде учествува во работата на собранието и телата на друштвото.Автор е на повеќе книжевни и филмски проекти кои често се занимаваат со историски, духовни и културни теми.

Во моментов покрај тоа што е директор на Македонскиот културен центар во Истанбул тој е и советник за култура при Амбасадата на Македонија во Анкара.

Под негово раководство, Центарот реализира бројни значајни активности и настани, како концертот на македонското пијано трио „30 прсти“ во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ во Истанбул, проектот„Простори на поврзување“, изложбата „Spaces of Connection“, трибини со директорите на другите македонски КИЦ-ови (Загреб, Белград, Софија) за подобрување на културната промоција во регионот….Неговата мисија е Центарот да биде „жив мост“ меѓу Македонија и Турција, две земји со заедничка историја и традиција. Тој остварува средби со високи државни функционери за усогласување на културната стратегија на Македонија во странство, а во фокус е претставување на современи македонски уметници, музичари и истражувачи пред турската публика.

Повеќе од една година сте прв човек на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул. Како гледате од оваа дистанца на овој период? Имавте ли предизвици при реализацијата на програмата?

Повеќе од една година во Истанбул е доволно време човек да разбере дека покрај работата и обврските, овој град се прожувува, се искусува, се разбира одвнатре, секојдневно, слоевито, понекогаш и контрадикторно. Од таа дистанца, овој период го гледам како процес на созревање, не само институционално, туку и човечки.

Истанбул ме научи на трпение, но не како пасивно чекање, туку како активна работа со времето. Така е и во културата. Работата во еден милионски град добива поинаква тежина, особено кога ќе го поминете целиот процес на очекување, неизвесност и постепено созревање на идејата. Така беше и со програмата на Центарот, од нејзино обликување и насочување, до едно „патување“ низ административните, логистичките и културните слоеви на новата средина, при што секој нов ден носи ново разбирање и восприемање на целиот културен просторот околу.

Предизвици имаше и има, секако. Од практични, како просторот на Центарот и неговата неизвесност, до суптилни, како да се преведе македонската култура на јазик разбирлив и близок за истанбулската и турска публика. Тука не станува збор само превод на зборови и реченици, туку превод на емоции и контексти.

Од денешна перспектива, можам да кажам дека овој период беше потврда дека културата не функционира како фиксна структура, туку како постојано обликувана средина. Таа бара постојана адаптација, чувствителност и присуство. И можеби најважното, успехот не се мери само во бројот на реализирани настани, туку во оние значајни моменти кога публиката ќе остане, ќе постави прашање, или ќе признае дека открила нешто ново кое сега го чувствува како свое, а е поврзано со Македонија.

Посветено работевте на реализацијата на бројни изложби, промоции, концерти… Колку сте задоволни од посетеноста на настаните? Има ли интерес за македонските творци со оглед на фактот дека станува збор за земја која има бројно население? Дали јазичната бариера е навистина пречка или уметноста не познава граници?

Посетеноста, ако ја гледаме само низ бројки, може да ни даде привид на успех, но вистинското прашање е каков одек оставаат тие настани. Во Истанбул, град со милиони жители и безброј културни понуди, вниманието на публиката не се освојува со квантитет, туку со автентичност. Во тој контекст, можам да кажам дека сум задоволен, не само од посетеноста, туку и од квалитетот на присуството, квалитет кој мораме да го надградуваме.

Интересот за македонските автори и проекти постои, и тоа е искрен интерес. Турската публика, особено во Истанбул, има изразена чувствителност за култури кои носат слоевитост и историја, а македонската култура токму тоа го поседува. Меѓу Македонија и Турција постои еден културолошки мост изграден низ векови на заеднички допири, миграции, сеќавања и влијанија. И токму нашата работа како Центар е да го направиме тој мост повидлив.

Јазичната бариера постои, но не е пресудна. Таа е повеќе техничка отколку суштинска. Уметноста функционира на поинаков план, како што музиката не бара превод, како што една фотографија или изложба може да предизвика емоција без ниту еден збор, така и културниот израз лесно ја надминува таквата разлика. Понекогаш, токму во таа „неразбраност“ се раѓа љубопитноста, а од љубопитноста произлегува вистинскиот дијалог. Дијалог во кој далечното станува блиско и токму во тие преобразби се раѓа вистинската културна комуникација, која трае подолго од самиот настан.

Историјата на Македонија и Турција е испреплетена во одредени историски периоди. Дали културната дипломатија  може полесно да функционира во вакви услови? Колку во Турција се знае за историјата на Македонија?

Културната дипломатија, кога постои историска испреплетеност, на прв поглед има предност. Да, постои некаква заедничка меморија, препознатливи културни кодови, па дури и емотивна блискост. Но токму тука лежи и предизвикот. Заедничката историја не секогаш значи и заедничко разбирање. Напротив, таа често знае да биде подлежна на различни интерпретации, селективни сеќавања и поинакви перспективи. Во тој контекст, културната дипломатија бара уште поголема внимателност, прецизност и одговорност. Не е доволно да се повикаме на заедничкото минато, туку треба да знаеме како да го раскажеме, без да го поедноставиме или инструментализираме. Културата тука станува простор за дијалог, а не за потврдување на однапред дадени наративи.

Што се однесува до познавањето на македонската историја во Турција, би рекол дека постои основно ниво на свест, особено кога станува збор за поширокиот османлиски период и за географската рамка. Но, познавањето на специфичните историски процеси, на македонската културна и национална посебност, сè уште е ограничено. И тоа не е изненадувачки, секоја држава природно повеќе се фокусира на сопствената историска перспектива. Токму тука ја гледам улогата на културната дипломатија преку работата на Центарот, не да наметне, туку да отвори. Да понуди содржини кои ќе поттикнат љубопитност и разбирање, без претензија дека ќе се „исправи“ историјата, туку дека ќе ја направи повидлива во својата комплексност.

Она што охрабрува е што интересот во Турција за македонската историја е сè поголем. Тоа е јасен знак на отвореност. Токму тука културната дипломатија ја има својата најважна улога, да го продлабочи тој интерес и да го претвори во вистинско разбирање.

Автор сте на збирки поезија, документарно-поетски филмови, а повремено пишувате книжевни критии и осврти за творештвото на современите македонски автори. Сметате ли дека со објавување преводи од македонски автори на турски јазик се доближуваат авторите, културата, народите…И дали со гостување на македонски автори во Турција се постигнува зголемен интерес за македонската литература и култура?

Преводот е неопходен, но не е доволен. Често мислиме дека со самиот чин на преведување веќе сме го направиле најважниот чекор, но вистината е дека преводот е само почеток, а не крај на процесот. Книга која е преведена, а не е контекстуализирана, промовирана и вклучена во локалниот книжевен тек, лесно може да остане невидлива. Од таа перспектива, да, преводите ги доближуваат авторите и културите, но само доколку се дел од поширока стратегија. Потребни се издавачи, критика, медиумско внимание, присуство на фестивали, разговори со публика. Во спротивно, книгата останува како мост кој постои, но по кој ретко кој поминува.

Истото важи и за гостувањата на авторите. Тие се важни, дури и неопходни, затоа што создаваат личен контакт, лице в лице, глас со глас. Но нивниот ефект често е краткотраен ако не се надоврзе континуитет.  Ако треба да бидам искрен, би рекол дека понекогаш како културни институции сме повеќе фокусирани на самото реализирање на настанот, отколку на неговиот живот по настанот. А токму таму се случува вистинската културна комуникација. Затоа, одговорот е – да, и преводите и гостувањата се важни, но само како дел од подолгорочен, внимателно граден процес. Културата не се пренесува со еден чин, туку со континуитет. И можеби токму таму лежи најголемиот предизвик.

Она што ни недостасува, и тука треба да бидеме искрени, е систематско создавање на преведувачи меѓу двата јазика. Во моментов сме сè уште слаби на тоа поле, иако имаме поединечни обиди, но немаме континуитет. Без луѓе кои подеднакво добро ги познаваат и македонскиот и турскиот културен контекст, секој превод останува делумен. Затоа, мораме да го одгледуваме процесот на создавање преведувачи, дали преку преку стипендии, работилници, заеднички проекти и нивно активно вклучување во културниот живот. И можеби токму таму лежи најголемиот предизвик.

Македонската кинематографија е во подем последниве години. Сметате ли дека е можна презентација на филмското творештво во Турција? Постојат ли услови за некаков Фестивал на македонски филм?

Апсолутно и тоа не само како можност, туку како процес што веќе се одвива. Македонската кинематографија во последните години создава дела кои се препознаени и надвор од националните рамки, а Турција, особено Истанбул, претставува природна и отворена сцена за нивна презентација.

Соработката на Центарот со Бејоглу интернационалниот филмски фестивал е јасен показател дека ваквите иницијативи имаат реална основа. Преку ова партнерство, македонскиот филм веќе наоѓа свој пат до турската публика, и тоа во контекст кој овозможува видливост. Дополнително, кино-проекциите на најновата македонска филмска продукција низ кината во Турција покажуваат дека интересот постои, и не е занемарлив.

Сепак, кога станува збор за фестивал на македонски филм, треба да бидеме реални. Не можеме директно да ги споредуваме двете земји во однос на обемот на филмската продукција. Македонија е мала кинематографија и годишната продукција не е доволна за да поддржи класичен, обемен фестивал секоја година. Токму затоа, можеби поодржлив пристап е моделот на селектирани ревии, тематски програми или фестивал кој би се одржувал периодично, со внимателно одбрана содржина. Во таа смисла, идејата за фестивал останува реална, но бара прилагодување на форматот на нашите продукциски услови, со јасна стратегија и континуитет, наместо со амбиција која не би била одржлива на долг рок.

Автор сте на бројни репортажи за Турција. Каков е Вашиот впечаток, колку им е позната Македонија како туристички бисер? Се воспоставува ли некаква соработка од ваков вид?

Како некој кој подолго време ја следи Турција како приказна, би рекол дека Македонија е присутна во свеста на турската публика, како чувство, но и во последно време и како конкретна туристичка дестинација. Постои една блискост, особено кај луѓето кои имаат семејни или историски врски со Балканот и Македонија, и таа блискост сè повеќе се претвора и во реален интерес.

Она што денес е особено видливо е дека интересот и бројот на турски туристи кои ја посетуваат Македонија се во постојан пораст. Таквата статистика е реалност којашто може да се почувствува на терен, во Охрид, Скопје, но сè почесто и во градови како Дебар и Битола. Турските посетители, покрај класичниот туризам, доаѓаат и како истражувачи на еден простор којшто им е културолошки близок. Особено значајна е и врската со Мустафа Ќемал Ататурк – таткото на модерна Турција, кој бил роден и живеел во османлиска Македонија, како и огромниот интерес за османлиското културно наследство, кои се дел од заедничката историја и создаваат дополнителен мотив за посета. Таа димензија на културен туризам станува сè повидлива и попривлечна.

Често ни се случува пријателите на Центарот, по враќањето од Македонија, да навратат кај нас, на гости, неформално, на кафе – разговор продолжувајќи ја започната македонска приказна. Во тие разговори нема официјалност, туку искрена желба да се сподели доживеаното во Македонија. И токму во тие „кафе-муабети“ се случува највредното, кога културата престанува да биде претстава/настан и станува споделено чувство, блиско и разбрано.

Инаку, Центарот активно е присутен на саемите за туризам во Истанбул, каде што и нашата држава официјално учествува, и токму во тие динамични средби се воспоставуваат најважните туристички мостови, преку директен контакт, размена на идеи и создавање нови можности за соработка, како со турските тур-оператори, така и со турските туристи.

Токму на иницијатива на Центарот во Истанбул, Министерството за култура и туризам склучи Меморандум за соработка со ТУРСОЈ (TÜRKSOY), со што македонската култура се позиционира на значително поширок простор од турскиот пазар, опфаќајќи ги и земјите од туркиската група во Централна Азија. Овој чекор отвора нови перспективи и, доколку се пристапи стратешки и внимателно, може да донесе суштински придобивки за промоцијата на македонската култура и туризам на едно многу пошироко и динамично културно подрачје.

Какви активности предвидовте за годинава?

Годишната програма на Центарот за 2026 година е внимателно осмислена како продолжение на нашата мисија, да создадеме разновиден културен дијалог меѓу Македонија и Турција, преку содржини кои ја поврзуваат традицијата со современиот израз.

Годината ја започнавме со настан посветен на македонската гајда и турскиот тулум, како симболично отворање на една заедничка културна нишка. Во текот на годината ќе следи и значаен проект посветен на филмското наследство на Браќата Манаки, во соработка со Кинотеката на Македонија, со што ќе се навратиме кон самите почетоци на македонската и османлиска кинематографија.

Посебно место има и книжевната програма, со промоција на книга на Суреја Ајташ, која се осврнува на миграциите од Егејска Македонија во Турција како резултат на Лозанскиот мировен договор од 1923 година, тема која и денес носи силен историски и емотивен набој. Во таа насока, продолжуваме и со поддршката на турски уметници со македонско потекло, преку поетскиот портрет на Ерол Туфан, кој твори на македонски јазик, како и изложбата на фотографот Невзат Јилдиран, кој преку својот објектив ги открива македонските знаци и симболи во Истанбул.

Соработката со релевантни книжевни и културни институции продолжува, Друштвото на писатели на Македонија втора година по ред ќе биде дел од ITEF – Istanbul International Literature Festival, што претставува значајна платформа за меѓународна афирмација на македонската литература.

Публиката во Турција ќе има можност да се запознае и со богатството на јуручката култура од источна Македонија, преку настапите на Елена Христова и групата „Баклава“, додека музичката програма, која веќе е препознатлив белег на Центарот, ќе продолжи со концерти на врвни македонски уметници и изведувачи, а да не ги заборавиме и добитници на значајни награди од изминатиот период.

Гости на Центарот ќе бидат и Рисима Рисимкин со Скопје танцовиот театар, кои ќе ја изведат претставата „Д (Како Дездемона)“, со што ќе ги отвориме вратите и за современиот македонски танц, како значаен и сè поафирмиран сегмент од нашата културна сцена. Во рамки на програмата ќе ни гостува уметницата Жанета Вангели преку Националната галерија на Македонија со изложбата „Архивски документи“, со што ќе се отвори уште една важна перспектива кон нашето уметничко наследство.

Сè на сè, програмата за оваа година е внимателно конципиран културен мозаик, кој има за цел да ја претстави Македонија во нејзината современа, но и длабоко вкоренета културна комплексност.

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести