Skip to main content

Нов напад во близина на нуклеарната централа Бушер во Иран

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека по третпат во последните 10 дена е извршен напад во областа на нуклеарната централа Бушер во Иран.

Агенцијата на ОН доцна синоќа на платформата Икс, повикувајќи се на ирански информации, наведе дека нема извештаи за оштетување на оперативниот реактор ниту за истекување радијација.

Генералниот директор Рафаел Гроси повика на „максимална воена воздржаност за да се избегне ризик од нуклеарна несреќа“.

Иран претходно оваа и минатата недела пријави удари со проектили во комплексот Бушер. И во двата случаи немаше штета на објектот ниту жртви.

Нуклеарната централа Бушер, единствена во Иран, се наоѓа на околу 760 километри јужно од Техеран, на брегот на Заливот.

Реакторот, изграден по руски дизајн, произведува електрична енергија од 2011 година, а руската државна компанија „Росатом“ во моментов гради втора реакторска единица.

МААЕ воедно соопшти дека бил погоден и истражувачкиот реактор со тешка вода во Хондаб.

Нема ризик од радијација бидејќи во објектот немало деклариран нуклеарен материјал, наведе агенцијата.
Одделно, нападната била и фабрика за производство на челик во провинцијата Хузестан. Објектот користи затворени радиоактивни извори за мерење, но не е забележано истекување радијација надвор од локацијата.

Поврзани вести