Политичка одговорност и оставка, побара попладнево коалицијата „Европски фронт“ од првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити со поднесената интерпелација во Собранието. Интерпелацијата ја образложи пратеникот Блерим Беџети кој како клучна причина за нејзиното поднесување го наведе случајот од 28 ноември, со палењето на државното знаме. Беџети ги спомна и Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората, како и Законот за јазиците, обвинувајќи го Меџити дека не сторил ништо за ниту едно од овие прашања, иако е на висока позиција во власта.
Меџити во интерпелацијата препозна „срамен обид на ДУИ да се врати на власт“. И порача на партијата да се реформира и да престане со „агресивноста, ароганцијата и подигнувањето на меѓуетничките тензии кои ги практикува изминатите шест месеци, откако е во опозиција“.
Дискутираме за случка од ноември, а денес е јануари. Случката ја гледаме како резултат на незадоволството од оваа Влада. Не сторивте ништо за да не дојде до таа ситуација. Затоа со Стоиљковиќ ве сметаме за одговорни, зашто не создадовте услови да нема таква ситуација. Немавте храброст да побарате оставка од министерот за внатрешни работи, да го повлечете заменик-министерот кој фигурира само како украс. Ова парламентарно мнозинство треба да се праша зошто се случи палењето на државното знаме, никој не вели дека е добро тоа. Имате политичка, но и национална одговорност. Прашањето на Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората, деградирањето на службениот статус на албанскиот јазик,… Ништо не преземавте. Бараме политичка одговорност. Ако е неспособен заменик-министерот за внатрешни работи, треба да го повлечете. Немавте храброст да побарате одговрност ниту од министерот за внатрешни работи, ниту од премиерот. Затоа, понесете одговорност, а добро е дадете и оставка, истакна Беџети.
Тој побара од Меџити да одговори на повеќе прашања поврзани со 28 ноември.
Не ги информирате пратениците колку млади се уапсени, колку се во притвор, од која националност се, според кои членови од Законот имаат одговорност Албанците, а според кои Македонците. Сакате да штитите нешто што не може да се заштити. Младите Албанци кои излегоа да слават пратија политичка порака. Вие не сте вицепремиер само за ваши бенефиции, туку за да артикулирате ставови, убедувања. Затоа, ако останало малку политички и национален дигнитет, треба добро да размислиш и повторно да ја разгледаш ситуацијата, да се прашаш во кој правец оди работата кога полицијата забранува да се слави нешто. Ако имаше конфликт меѓу младите, сите требаше да интервенераме, рече Беџети.
Меџити во одговорот нагласи дека интерпелацијата не е поврзана со него, ниту со албанскиот јазик, Балансерот или правичната застапеност, туку со желбата ДУИ да се врати на власт „со овој срамен план“.
Ќе ја разгледавме сериозно интерпелацијава ако доаѓаше од некој нов во политиката, без историски багаж, но имаше ситуации кога беа убиени, затворани и малтертирани Албанците, а господинот раководеше и немаше морална одговорност да се повлече. Сега, по шест месеци, бара одговорност за случаи. Не само што не отворивте дебата за Законот за застапеност, туку немавте и храброст за враќање на Законот за матичните книги. Во изминативе шест месеци, откако ДУИ е во опозиција, сведоци сме на голема агресивност, ароганција и подигнување на меѓуетничките тензии. Тоа зборува само едно, дека оваа партија е корумпирана и тоа е темата на која ДУИ треба да даде одговор. ДУИ е во длабока криза, поделена, секој ден со агресивност сака да предизвика национални тензии. Албанците ве тргнаа од власт зашто сте барале од нив парцели да отворате казина и да се збогатите. Никој не ве почитува, ниту ви верува. Конфликтниот јазик со кој секојдневно ги труеете граѓаните е доказ за вашиот клиентелизам, корупцијата ви е стандард, ги угаснавте независните медиуми и ги заменивте со партиски. Сакате да верувате во вашата лага дека вечно ќе останете на власт, истакна Меџити.
Тој напомена и дека ДУИ не се оградила од Артан Груби кој се бара со меѓународна потерница и е на „црната листа“ на САД.
Јасно дека тој што избега од правдата се уште ја држи контролата во партијата за негови лични интереси, а и денес, еден месец од неговото ставање на „црната листа“ на САД, ДУИ не се дистанцира од Груби. Дали некој се уште верува дека е виновен само Артан? Денес, кога партијата тоне, немате храброст да се дистанцирате од корупцијата и криминалот. Крајно време е да се реформирате, порача Меџити.
Во текот на расправата по интерпелацијата се вклучија само пратениците од албанските партии. Тие потсетија на случаите со Сашо Мијалков и Артан Груби, зборуваа за знамето, јазикот, за јавните обвинители, побараа да се отворат нови случаи за корупција, да не се злоупотрбуваат функции, како што рекоа, за лични цели,….
Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски даде пауза од еден час.
Претходно, во рамки на седницата, Собранието ја поддржа интерпелацијата за Илире Даути, поднесена од пратеничката група на Левица.
Пред пратениците се уште три интерпелации, за работата на вицепремиерот Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени, сите поднесени од коалицијата „Европски фронт“.