
– Голема улога ќе одигра одбраната на двете екипи, во комбинација со учинокот на голманите, посочи капитенот на ракометен клуб Олимпијакос Петрос Кандилас во пресрет на првиот четвртфинален натпревар со РК Охрид во недела, што атинскиот тим го игра на домашен терен, јави дописничката на МИА од Атина.
– Пред нас имаме два многу тешки натпревари со Охрид, првиот во недела на наш терен. Станува збор за тим со многу голем буџет и квалитетен состав. Сметам дека голема улога ќе одигра одбраната на двете екипи, во комбинација со учинокот на голманите. Во овој напор сакаме нашите навивачи да бидат со нас за да дојдеме до победа што ќе ни го даде потребниот импулс за вториот натпревар на гостински терен, нагласи Кандилас за официјалниот сајт на РК Олимпијакос.
Првиот натпревар од четвртфиналната фаза на ЕХФ Европскиот Куп ќе се одигра в недела во 17 часот по локално време во спортската сала „Јанис Котакис“ во атинската населба Илиуполи, а реваншот е една седмица подоцна во Охрид во „Билјанини Извори“.

Македонски



