
Европската Унија ги засилува напорите за борба против шверцувањето мигранти со нова единица во рамките на Европол, чија цел се меѓународните мрежи за шверц.
Директорката на Европол, Кетрин Де Бол на прес-конференција во Хаг, денеска изјави дека мрежите за шверцување мигранти „оперираат со зголемена сложеност, како на интернет, така и надвор од него“.
– Ако сакаме да ги разбиеме овие мрежи, мораме да се развиваме исто толку брзо – рече таа.
Де Бол додаде дека шверцерските мрежи станале „глобален, дигитален и високопрофитабилен криминален бизнис“.
– Тие имаат значајна глобална димензија и се потпираат на повеќеслојни финансиски инфраструктури, вклучувајќи ги и системите за тајно банкарство, за да ги пренесат и прикријат своите криминални профити – изјави таа.
Според Европол, шверцерските мрежи секоја година ги загрозуваат животите на стотици илјади луѓе и стануваат сè понасилни.
Мигрантите можат да платат и до 20.000 евра (22.000 долари) за патувања до Европа кои често се опасни по живот, пренесе ДПА.
Европол соопшти дека милијардите профити често се насочуваат во криптовалути и се користат за финансирање на други криминални активности.
Околу 90 проценти од мигрантите кои илегално влегуваат во ЕУ се потпираат на шверцери, изјави еврокомесарот за внатрешни работи Магнус Брунер, кој ја опиша оваа пракса како деструктивна форма на организиран криминал.
Новата единица, со седиште во штабот на Европол во Хаг, ќе ги координира истрагите низ земјите членки и ќе соработува тесно со граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, како и со меѓународните партнери.
Нејзината работа ќе биде фокусирана на анализа на податоци и финансиски истраги за да се следат тековите на парите и да се прекинат шверцерските мрежи.
Европол соопшти дека веќе една деценија ги поддржува националните власти во справувањето со трговијата со луѓе, координирајќи речиси 200 операции против шверцерски банди во текот на изминатата година.

Македонски



