Skip to main content

Иран поставил подводни мини во Ормускиот Теснец, алармираат американски извори

Подводни мини, за кои се верува дека се поставени од Иран, се откриени во Ормускиот Теснец во Персискиот Залив, објави „Си-би-ес Њуз“, повикувајќи се на американски официјални претставници. Во меѓувреме, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го повика Техеран да овозможи непречен поморски сообраќај низ овој стратешки важен премин.

Според актуелните проценки на американските разузнавачки служби, во теснецот се наоѓаат најмалку десетина поморски мини. Тие се идентификувани како модели „Махам 3“ и „Махам 7“, произведени во Иран, кои користат магнетни и акустични сензори за детекција на цели.

Друг американски претставник навел дека бројот на поставени мини би можел да изнесува околу 12.

Овие информации доаѓаат во момент кога Доналд Трамп се откажа од претходните закани за можен напад врз иранската енергетска инфраструктура, доколку Техеран продолжи со блокирањето на пловниот пат низ Ормускиот Теснец.

Трамп изјави дека неговите специјални пратеници, Стив Виткоф и бизнисменот Џерард Кушнер, веќе започнале разговори со иранските власти, изразувајќи надеж дека теснецот наскоро повторно ќе биде отворен за слободен бродски сообраќај.

„Ќе биде отворен многу наскоро, ако ова функционира“, рече Трамп за најновиот дипломатски потег.

Тој додаде дека протокот на нафта низ теснецот ќе биде заеднички контролиран од САД и Иран.

Од друга страна иранското Министерство за надворешни работи ги негираше тврдењата на Трамп дека се одржале директни разговори меѓу двете страни. Иранските државни медиуми во исто време го обвинија Трамп дека се обидува да купи време. Ормускиот Теснец е еден од најважните светски бродски патишта за енергија, низ кој минуваше околу една петтина од светската сурова нафта пред конфликтот.

Поврзани вести