
Град Скопје во соработка со Психолошкиот центар Психограм организира интерактивна работилница на тема „Играј со глава: ментален тренинг за млади спортисти“, која ќе се одржи на 24 март 2026 година (вторник), од 12:00 до 14:00 часот, во Младинскиот Хаб на Град Скопје, во Домот на култура „Кочо Рацин“.
Во време кога младите спортисти сè почесто се соочуваат со притисок, очекувања и висока конкуренција, менталната подготовка станува подеднакво важна како и физичката. Овој настан има за цел да ја отвори токму таа тема – како да се гради самодоверба, како да се одржи фокусот во клучни моменти и како да се надминат стресот и неуспехот.
Работилницата ќе понуди динамичен и интерактивен пристап, преку кој младите учесници ќе имаат можност да слушнат реални искуства, да поставуваат прашања и да учат конкретни техники кои можат веднаш да ги применат – пред натпревар, за време на игра или по направена грешка.
Посебен акцент ќе биде ставен на практични алатки за:
- справување со притисок и очекувања
- развој на концентрација и фокус
- градење стабилна самодоверба
- ментална издржливост и контрола на емоции
Настанот ќе го модерира д-р Фросина Денкова Зафировска, психолог и тренер по S.F.E.R.A. спортска методологија, која заедно со својот тим преку Психограм активно работи на развој на ментални вештини кај млади спортисти.
Како панелисти ќе учествуваат:
- д-р Софија Георгиевска, психолог и S.F.E.R.A. тренер
- Ѓорги Тасев, генерален секретар на Македонскиот олимписки комитет
- Јана Чубриноска, тренер во ФК Форца
- Меланија Грозданова, фудбалерка во ЖФК Љуботен и амбасадор на женскиот фудбал
- Павел Грбевски, млад фудбалер од ФК Вардар
Преку спој на психологија, спорт и реални приказни од терен, настанот има за цел да покаже дека успехот не се гради само со тренинг на телото, туку и со тренинг на умот.
Со оваа иницијатива, Град Скопје и Психограм испраќаат јасна порака дека вложувањето во младите значи вложување во нивната целосна подготовка – физичка, но и ментална, што е клучно за здрав развој, спортски успех и животни вештини.
Настанот е дел од пошироките напори за поддршка на младите спортисти и создавање средина во која тие ќе се чувствуваат сигурно, поддржано и мотивирано да го достигнат својот потенцијал.

Македонски



