
Д-р Ламбе Крстески е единствениот матичен гинеколог кој веќе четири години работи во скопската општина Шуто Оризари. Во оваа скопска општина со години жените немаа лекар со кого би се посоветувале за нивното репродуктивно здравје. Во отворената приватна амбуланта може да дојдат сите жени во Општина Шуто Оризари, може да добијат здравствена превентивна услуга кај матичен гинеколог. Тој апелира сите тие жени да си го остварат своето право за избирање матичен гинеколог во општината, каде што прегледите се комплетно бесплатни.
Во интервју за „Република“ д-р Крстески вели дека најголем предизвик е обемот на работа во однос на достапните ресурси.
Дополнително, многу жени имаат матичен гинеколог во други општини, што го отежнува континуитетот на грижата и следењето на нивната здравствена состојба. Ова создава празнини во системот кои директно влијаат на квалитетот на услугата, вели за „Република“ д-р Крстески.
Со него разговаравме за тоа дали има доволно свест за редовни гинеколошки прегледи кај Ромките, што најмногу им недостига на жените кога станува збор за репродуктивното здравје, што треба да се промени на институционално ниво за да се подобри здравствената грижа за жените во Шуто Оризари, каква е улогата на државата, односно министерството за здравство и општината, што треба да се промени на институционално ниво. Д-р Крстески истакнува дека најголем проблем е малолетничката бременост кај оваа популација и на тоа треба да се влијае со едукација.
Верувам дека со посериозна институционална поддршка и заеднички напори, може да се постигнат значајни позитивни промени, вели д-р Крстески.
Кои се најчестите гинеколошки проблеми со кои се соочуваат жените во оваа скопска општина?
Д-Р КРСТЕСКИ: Во секојдневната пракса најчесто се среќаваме со генитални инфекции, намален број на превентивни ПАП -тест и ХПВ типизација се клучни за рано откривање на сериозни заболувања на женското здравје, нередовни менструални циклуси, анемии поврзани со репродуктивното здравје, како и високо ризични бремености. Дополнително, загрижувачки е присуството на малолетничка бременост, која не е само медицински, туку и сериозен социјален предизвик. Овие состојби често се влошуваат поради доцно јавување на преглед на пациентките.
Дали има доволно свест за редовни гинеколошки прегледи?
Д-Р КРСТЕСКИ: Свеста е во постепен пораст, но сè уште не е на посакуваното ниво. Голем дел од жените не практикуваат редовни превентивни прегледи, туку доаѓаат кога веќе имаат симптоми. Тоа укажува дека е потребна континуирана едукација и поголема поддршка од институциите и граѓанските организаци во насока на превенција.
Колку често жените доаѓаат на превентивни прегледи, а колку само кога имаат проблем?
Д-Р КРСТЕСКИ: Во пракса, превентивните прегледи се значително поретки. Најголемиот дел од пациентките се јавуваат кога имаат конкретен здравствен проблем. Ова е показател дека превентивната култура се уште не е доволно развиена и бара системски пристап.
Дали има специфични здравствени предизвици карактеристични за оваа заедница?
Д-Р КРСТЕСКИ: Да, оваа заедница се соочува со специфични предизвици како што се повисока стапка на малолетничка бременост, континуирана превентивна здравствена грижа и социјални фактори кои влијаат врз здравственото однесување. Овие проблеми бараат мултидисциплинарен пристап.
Со какви предизвици се соочувате како гинеколог за толку голема заедница?
Д-Р КРСТЕСКИ: Како гинеколог кој веќе 4 години работи во оваа општина, можам да кажам дека најголем предизвик е обемот на работа во однос на достапните ресурси. Дополнително, многу жени имаат матичен гинеколог во други општини, што го отежнува континуитетот на грижата и следењето на нивната здравствена состојба. Ова создава празнини во системот кои директно влијаат на квалитетот на услугата.
Што најмногу им недостига на жените кога станува збор за репродуктивното здравје?
Д-Р КРСТЕСКИ: Најмногу недостига достапна и континуирана здравствена грижа, како и редовна едукација. Исто така, се чувствува недостиг од системска и институционална поддршка, која би помогнала во надминување на овие предизвици.
Колку е честа раната бременост кај младите девојки во општината?
Д-Р КРСТЕСКИ: Раната, односно малолетничката бременост е реалност со која се соочуваме и не може да се игнорира. Таа има долгорочни последици врз здравјето, образованието и социјалниот развој на младите девојки. Ова прашање бара сериозен и координиран пристап од сите релевантни чинители.
Каква е улогата на семејството и заедницата во овие прашања?
Д-Р КРСТЕСКИ: Семејството и заедницата имаат клучна улога во градењето на здрави навики и информираност. Таму каде што постои поддршка и отворена комуникација, резултатите се подобри. Сепак, потребно е дополнително зајакнување на оваа улога.
Што би помогнало да се подобри информираноста кај младите?
Д-Р КРСТЕСКИ: Едукација преку училиштата, теренска работа и отворени разговори за репродуктивното здравје се од суштинско значење. Но, за тоа да биде ефективно, потребна е посилна и континуирана поддршка од институциите.
Колку долго работите во оваа општина и што најмногу се промени во тој период?
Д-Р КРСТЕСКИ: Веќе 4 години работам како гинеколог во оваа општина. Во тој период има одреден напредок во свеста кај населението, но суштинските предизвици остануваат – особено во делот на превентивните прегледи и системската поддршка.
Што треба да се промени на институционално ниво за да се подобри здравствената грижа за жените во Шуто Оризари?
Д-Р КРСТЕСКИ: Потребно е значително зголемување на ресурсите, подобра организација на здравствените услуги и долгорочна стратегија. Веќе со години се укажува на потребата од поголем број пациентки за да опстане амбуланта во општината, но тоа прашање сè уште не е соодветно решено. Поддршката од институциите е ограничена и не соодветствува на реалните потреби на населението.
Дали општината или државата прават доволно за поддршка?
Д-Р КРСТЕСКИ: Иако постојат одредени иницијативи, генералниот впечаток е дека поддршката не е доволна. Потребен е поактивен пристап и конкретни мерки кои ќе дадат видливи резултати на терен. Со години имаше проблем за гинеколог во општината , сега треба поголема активност и од општината Шуто Оризари и од Министерството за здравство и од ФЗО за да опстане амбулантата.
Кои се вашите надежи за иднината на здравјето на жените во општината?
Д-Р КРСТЕСКИ: Моите надежи се насочени кон подобрување на пристапот до здравствени услуги, зголемување на свеста за превенција и намалување на малолетничките бремености. Верувам дека со посериозна институционална поддршка и заеднички напори, може да се постигнат значајни позитивни промени.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски


