Skip to main content

Мисајловски за надворешната исхрана за Армијата: 28 војници беа затруени, го раскинавме договорот, има судска постапка

Договорот за надворешна исхрана на припадниците на Армијата е раскинат по сериозни проблеми во неговата реализација, меѓу кои и труење на 28 војници, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски во емисијата Click Plus на ТВ21.

Тој посочи дека договорот бил раскинат по детална анализа на состојбата во сите армиски единици.

„Имаше различни сегменти во договорот, но направивме целосна анализа во сите единици и го раскинавме договорот. Имаше и случај кога 28 војници беа отруени“, изјави министерот.

Тој додаде дека во моментот се води и судска постапка поврзана со договорот.

По раскинувањето на договорот, Министерството вовело нов модел со кој на вработените им се исплаќаат директни средства за исхрана.

„Согласно закон и колективниот договор, имаме можност да им даваме дополнителни средства на вработените. Сега секој вработен добива пари за храна секој месец, а износот што се исплаќа е поголем отколку што чинел претходниот месечен пакет за исхрана“, рече Мисајловски.

Тој појасни дека за единиците каде што е неопходно да има организиран оброк, кујните во касарните продолжуваат да функционираат.

Паралелно со тоа, Министерството започнало и процес на реконструкција на армиските кујни и инфраструктурата во касарните.

„Ќе ги обновиме сите кујни. На многу места крововите не биле сменети со години, па сега постепено се реконструираат, во рамки на можностите на буџетот“, истакна министерот.

Мисајловски додаде дека се планираат и нови инфраструктурни проекти во Армијата, меѓу кои нови објекти, магацини со видеонадзор за опремата и нови капацитети во касарните, со цел подобрување на условите за работа и сместување на припадниците на Армијата.

Поврзани вести