Skip to main content
Дводневна работилница за чист воздух и одржливи градови во рамки на проектот за моделирање на квалитетот на воздухот

Чист воздух и одржливи градови: Современи научни и практични пристапи кон одржливо управување со квалитетот на урбаниот воздух – меѓународни искуства и локални предизвици

„Чист воздух и одржливи градови: современи научни и практични пристапи кон одржливо управување со квалитетот на урбаниот воздух – меѓународни искуства и локални предизвици“ беше тема на дводневната работилница која заврши денеска, во рамки на проектот „Применето моделирање на квалитетот на воздухот и валидација на мерките за ублажување на штетните ефекти преку идентификација на изворите“, чиј носител е Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

За методите за собирање податоци во реално време, моделирање на загадувањето и лабораториска верификација – активности кои се реализираат во текот на проектот, свои мислења, искуства и практики споделија и меѓународни експерти од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC), Универзитетот Меквори во Сиднеј, Австралија, Универзитетот во Нови Сад, Србија, Универзитетот за технологија во Киелце, Полска и други релевантни научни институции.

Работилницата имаше за цел да ги промовира современите научни методи и практични решенија за моделирање на воздухот во урбаните средини, со особен фокус на локалните предизвици во градот Скопје.

Проектот е дел од предложената мерка на Работниот комитет за енергетика, со цел подобрување на квалитетот на воздухот и се реализира како дел од процесот на имплементација на Националната развојна стратегија 2024–2044, преку програма предводена од Владата и Генералниот секретаријат, во соработка со УНДП.

Дводневната работилница комбинираше меѓународни и локални искуства преку семинари, практични вежби и дискусии, овозможувајќи студентите и учесниците од академската заедница да стекнат увид во применетите истражувања и да придонесат кон долгорочна експертиза во моделирањето, анализата на квалитетот на воздухот и креирање релевантни мерки за намалување на загадувањето.

Поврзани вести