Skip to main content

Јавниот обвинител Савески го почнува мандатот

 Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска треба да даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши. Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски. 

Собранието вчера со 66 гласа „за“ го избра Савески за нов државен јавен обвинител. Согласно Законот за јавно обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор. 

Во изјава за МИА, Савески истакна дека негов приоритет ќе биде радикална отчетност, транспарентност и дигитализација на обвинителскиот систем. Тој смета дека најголем проблем не се платите, туку условите за работа, нагласувајќи дека „не може сиромашна институција да се бори со богат криминал“.

Најавува воведување на дигитален систем со кој ќе се следи работата на обвинителите и ќе се спречи т.н. „фиока стоп-систем“. Според него, дигитализацијата ќе помогне да се видат реалните причини за бавното постапување – недостиг на кадар, експерти, помошни служби и сл.

Вели дека не сака да издвојува предмет со кој би ја почнал работата како нов државен јавен обвинител бидејќи за него сите се еднакво важни зашто „се работи за човечки судбини“, но исто така нема да води селективна правда и секој предмет ќе се работи во согласност со законот и во согласност со роковите и принципите за работа.  

МИА

Поврзани вести