Skip to main content

Со проекција на филмот „Нов бран“ в петок официјално ќе започне со работа „Фино кино“- новото филмско катче во центарот на Скопје

Овој петок (20.03.2026), со проекција на филмот „Нов бран“, официјално ќе започне со работа новото филмско катче во центарот на Скопје – „Фино кино“.

Идејата на „Фино кино“, проект на приватниот културен центар Лабораториум, е создавање на непретенциозно „џепно“ артхаус кино и нова културна платформа со внимателно курирана програма – иницијатива за која се надеваме дека ќе се претвори во жива неформална заедница со филмската уметност во својот фокус.

Овој прв викенд на репертоарот на „Фино кино“ ќе бидат „Нов бран“ на режисерот Ричард Линклејтер (петок, 20.03., во 19:00 и недела, 22.03., во 20:00), осморангиран филм на листата на најдобри филмови на 2025 на култното филмско списание „Cahiers du Cinéma“, номинираниот за Оскар анимиран филм „Арко“ (сабота, 21.03., во 12:00 и недела, 22.03., во 18:00) и „Млади мајки“ во режија на браќата Дарден (петок, 20.03., во 21:00), добитник на наградата за најдобро сценарио на Канскиот филмски фестивал.

Фино Кино се наоѓа во новиот простор на Лабораториум, на адреса: Булевар 12-та Македонска Бригада 2а, во склоп на зградата на Сојузот на синдикатите.

Поврзани вести