
Во овој момент нема таков предизвик што би го загрозил нормалното функционирање на системот. Состојбата во државата е апсолутно нормална, ја следиме ситуацијата и ќе реагираме соодветно на предизвиците, нема да чекаме тие да се случат па потоа да преземаме мерки, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, тоа што го предлага опозицијата е дел и од размислувањето на Владата, но освен тоа, има и други мерки што ќе бидат преземени доколку се процени дека постои потреба.
Ја следиме ситуацијата, ова се почетоците на предивзикот што се случува во Заливот и војната. Ве молам сите да бидеме мирни зашто навистина во овој момент нема таков предизвик што би го загрозил нормалното функционирање на системот, ниту има индикатори што може да не изненадат. Се разбира, на дневна основа предизвиците се случуваат и ние ги анализираме. За разлика од опозицијата, ние имаме одговорност. Гледам дека се повикуваат на некои наши изјави од времето на 2022 година, но апсолутно еднбата и другата не се споредливи, зашто тие изјави се давани по неколку месеци континуиран раст, а ние сега зборуваме за неколку дена од почетокот на кризата. Инаку, тоа што опозицијата го предлага, се разбира дека е дел од размислувањето на Владата, но не само тоа, има и други мерки што ќе бидат преземени и ќе реагираме соодветно на предизвиците, нема да чекаме тие да се случат па потоа да реагираме, Во моментот, ако денеска ме прашувате, состојбата е апсолутно нормална, а како ќе биде понатаму навреме ќе ја информираме јавноста – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со странските инвеститори во земјава.
Тој за попладнево во 16.00 часот најави средба со трговците и претставници на маркетите. Рече дека има јасни пораки и аргументи кои ќе ги изнесе на состанокот.
Премиерот очекува, како што нагласи, во актуелната состојба на предизвици, сите да се однесуваат во рамки на она што значи заштита на стандардот на граѓаните, зашто со тоа, потенцира, се штити и бизнисот.
Ќе разговараме отворено, како ние како Влада можеме да им помогнеме за да се одржи ценовната стабилност, да не дојде до драматично зголемување на инфлацијата, односно трошоците за живот. Очекувам во овие предизвикувачки услови, сите да се однесуваме во рамки на она што значи заштита на стандардот на граѓаните, зашто со тоа се штити и бизнисот. Имаме најниска цена на горивата во регионот, нема ценовен шок и снабдувањето со нафта и нафтени деривати не е доведено во прашање. Компаниите снабдувачи имаат доволно резерви, инфлацијата е најниска во регионот. Состојбата во државата е апсолутно нормална, за понатаму ќе видиме. Почетокот на годината е ветувачка според сите индикатори и параметри, но ние продолжуваме да работиме во интерес на стандардот на граѓаните. Трошоиците на мало се 1,6 отсто во февруари, што значи дека и базичната инфлација полека но сигурно се смирува. Имам јасни пораки и аргументи за денешниот состанок со трговците – истакна Мицкоски.

Македонски

