Skip to main content

Кој ја плаќа цената на нееднаквоста?- експерти дебатираа за економските последици врз жените

Панел дискусија во Јуроп хаус Скопје ги обедини претставниците на граѓанскиот сектор, академијата и бизнис заедницата. Целта беше да се воочат структурните економски недостатоци со кои се соочуваат жените во Македонија и финансиското влијание на родовата нерамноправност врз општеството.

Настанот, насловен „Кој ја плаќа сметката? Цената на нееднаквоста“, го одбележа почетокот на кампањата „Носи ја промената“ и националното роудшоу. Дискусијата беше фокусирана на економските последици од родовата нееднаквост низ целиот животен циклус, од образованието и влезот на пазарот на трудот до кариерниот развој, претприемништвото, грижата за семејството и пензионирањето.

Настанот го отвори Бен Нупнау, вршител на должност амбасадор на Делегацијата на Европската Унија, кој ги поздрави присутните и официјално ја започна иницијативата. „Рамноправноста помеѓу жените и мажите не е само заедничка вредност – таа е неопходна за да се градат општества кои се поправични, посилни и попроперитетни за сите граѓани.“, истакна Нупнау. Панел дискусијата се осврна на фактот дека родовата нерамноправност, иако често се третира како социјално прашање, претставува и системска економска нерамнотежа со мерливи финансиски последици. Учесниците разговараа за тоа како нерамноправноста влијае врз животните приходи на жените, пензиската сигурност, стабилноста на домаќинствата, конкурентноста на бизнисите и економскиот раст на државата.

Панелот обедини различни перспективи и беше модериран од Кристина Хаџи-Василева, консултантка за стратешки развој. Панелистки беа Никица Кусиникова од КСО Конект, Биљана Петровска – Митревска од НАФ и Македонка Димитрова, универзитетска професорка и претприемничка.

Дискусијата се осврна на економската цена на родовата нерамноправност, вредноста на неплатениот труд за грижа и последиците од родовиот јаз во платите и прекините во кариерата. Учесниците разговараа и за структурните бариери што го ограничуваат економскиот напредок на жените, како работната култура, пристапот до грижа за деца и нееднаквата сопственост на имот, како и за улогата на законодавството и корпоративните стандарди во намалување на овие разлики. Дебатата заврши со осврт на можни решенија и одговорностите на институциите, бизнис секторот и општеството.

Настанот исто така го одбележа почетокот на кампањата „Носи ја промената“ (Wear the Change), годишна иницијатива предводена од Јуроп хаус, Делегацијата не Европската Унија и амбасадите на земјите членки на ЕУ. Кампањата го става фокусот на структурната нерамноправност и тежината на неплатениот труд што го носат жените. Иако започна во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, иницијативата ќе ја задржи темата во фокус во текот на целата година преку серија дебати, работилници, културни настани и јавни дискусии организирани низ мрежата на Јуроп хаус со #TeamEurope учество.

Поврзани вести