Skip to main content
Основното јавно обвинителство поведе постапка

Сведок ги однел Ивана, Катја и Стојанче до домот за да се спакува и да ја носи кај мајка ѝ, додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, таа се заклучила и го извршила самоубиството

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор против Стојанче Јовановски, за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128, став 4, Телесна повреда од член 130, став 2, во врска со став 1 и Загрозување на сигурноста од член 144, став 3, во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик. Неговата сопруга, 31-годишната Ивана, на 2 март околу 14 часот си го одзеде животот, скокајќи заедно со своето 6-годишно дете од тераса на висококатница во скопски Карпош.

Од кривичната пријава, како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година до 2 март, кога оштетената, сега починатата Ивана Јовановски, донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг, со кого била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, ја навредувал, ја тепал, ја понижувал и ѝ нанесувал видливи повреди по целото тело. Овие настани, сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции. Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на нејзиниот сопруг се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се нашла во безизлезна состојба и се одлучила на самоубиство, го зела во рацете детето и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој што живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место“, соопшти денеска ОЈО Скопје.

На критичниот момент претходеле неколку настани. Осомничениот прво се заканувал и ја удирал оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие, со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди, хематоми по главата и телото.

Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот, за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка ѝ. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и оттаму го извршила самоубиството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, на кого врз основа на обезбедените докази до овој момент му се ставаат на товар неколку дела кои се гонат во скратена постапка. Обвинителството продолжува да прибира докази за овој комплексен настан, па поради опасноста од бегство на осомничениот, можноста за влијание врз сведоци и вештаци и веројатноста тој повторно да врши кривични дела, надлежниот јавен обвинител оцени дека притворската мерка е неопходна за негово обезбедување во текот на постапката“, додаваат од ОЈО.

Поврзани вести