Skip to main content
Градоначалникот Ѓорѓиевски на средба со турска делегација за реализација на проектот

Ќе се поставува декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост

Камениот мост, еден од главните симболи на Скопје и значајно културно-историско наследство, ќе добие современо декоративно осветлување, внимателно усогласено со неговите архитектонски карактеристики, што ќе ја истакне неговата историска убавина и симболика, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

За таа цел тој имал средба со  делегација од турската општина Есенлер и со раководството на Халкбанк АД Скопје на која е потпишан Протокол за пријателство и  соработка за имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост.

Во рамките на проектот ќе бидат поставени современи LED-светилки, рефлектори и системи за контрола на осветлувањето, со што мостот ќе добие нова естетска димензија и уште посилно ќе го истакне својот историски идентитет. Со новото декоративно осветлување, Камениот мост ќе добие уште поголема препознатливост и ќе стане вистински ноќен симбол на Скопје, кој ќе ја истакне богатата историја и убавината на нашиот град. Упатувам искрена благодарност до Општина Есенлер за поддршката и посветеноста во реализацијата на овој значаен проект, како и до Халкбанк АД Скопје и до сите институции и поединци кои придонесоа за неговата подготовка и реализација. Оваа соработка е уште една потврда за силните пријателски односи, меѓусебната доверба и заедничката посветеност во унапредување и зачувување на културното наследство на Скопје“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук. 

Во составот на делегацијата биле заменик-градоначалникот на Општина Есенлер, Омер Четинкаја, членот на Советот на Општина Есенлер, Орхан Вардар, главниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје, Фатих Шахбаз, членот на Советот на Град Скопје и член на Комисијата за меѓународна соработка Зекерија Бериша и почесниот конзул на Турција Ајдован Адемоски. На средбата присуствувал и амбасадорот на Турција, Фатих Улусој.

Поврзани вести