Skip to main content

Симонофски и Попивода разговарале за можностите за зајакнување на соработката и афирмирање на македонскиот идентитет во Албанија

Претседателката на здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“, Елена Симонофски, во рамки на зацртаните програмски активности денеска попладне оствари средба со Ема Попивода, директорка на македонскиот културно – информативен центар (КИЦ) во Тирана. 
 
-Средбата мина во отворен и конструктивен разговор за бројни прашања поврзани со културниот и општествениот живот на македонската заедница во Албанија, за нашите предизвици, но и за можностите за зајакнување на соработката и афирмирање на нашиот идентитет, информираше Симонофски. 
 
Додаде дека на средбата разговарале за важноста од зачувување и промоција на македонскиот јазик, културата и традицијата, како и за потребата од организирање повеќе културни, уметнички и општествени активности.

-Преку вакви активности со гордост ќе го промовираме македонскиот дух, нашите вредности и нашето богато културно наследство, а ваквите средби се доказ дека кога постои искрена волја за дијалог и соработка, можеме да создадеме нови иницијативи и конкретни чекори во интерес на нашата заедница, посочи Симонофски.

Таа, како што кажа,  изразила посебно задоволство за многу плодна средба со директорката Попивода, заблагодарувајќи се за одвоеното време, идеите и посветеноста.