
Изложбата „Вертикала на апсурдот“ на Јелена Божикова и Георги Божиков на 5 март ќе биде отворена во бифе „Тафталиџе“.
Јелена Божикова (1992) е визуелна уметница која твори на пресекот помеѓу видливото и невидливото. Родена во уметничко семејство и израсната во средина каде креативноста била секојдневие, таа рано ја препознава уметноста како природен јазик на постоењето. Студент е на трета година на Факултетот за ликовни уметности, на отсек сликарство, каде го продлабочува својот интерес кон симболиката, езотериските системи и парапсихолошките феномени. Нејзиниот визуелен израз често се движи во полето на надреалното, каде сонот, архетипот и потсвеста стануваат градивен материјал. Сликата за неа не е само површина, туку портал – простор на трансформација и внатрешна алхемија. Покрај сликарството, се занимава со перформанс и танц, користејќи го телото како продолжение на платното. Движењето станува жив симбол, а просторот – сцена на лична и колективна метаморфоза. Нејзината уметност често ја истражува тенката линија помеѓу апсурдот и смислата, реалноста и визијата. Учествувала на неколку групни изложби, од кои една вклучувала и перформанс како интегрален дел од нејзиниот израз.
Изложбата „Вертикала на апсурдот“, реализирана во соработка со Георги Божиков, претставува нивна прва самостојна изложба – заеднички чин на истражување, дијалог и искачување по сопствената вертикала на апсурдното постоење.
Георги Божиков е ликовен уметник, роден во Скопје во 1988 година. Божиков потекнува од уметничко и музичко семејство. Во 2007 година завршува образование во средното уметничко училипте „Лазар Личеноски“ отсек сликарство и во 2011 година дипломирал на ФЛУ во Скопје отсек сликарство. Учествувал на повеќе групни изложби, а паралелно со сликарството се занимава и со музика, бил член на повеќе македонски бендови каде учсествувал како тапанар и гитарист.

Македонски

