
Неколкудневните лажни дојави за бомби во тетовските училишта минатата недела, кои ја пореметија наставата и ги вознемирија учениците, нивните родители и вработените во училиштата, биле дело на 18-годишно момче од Тетовското село Палатица, кое вчера е уапсено, соопшти МВР.
Момчето со иницијали М.Р., според МВР, во повеќе наврати испраќало електронски пораки во кои пишувало дека во школото има поставено бомба. Полицијата, откако открила траги за тоа кој е испраќачот, обезбедила судска наредба и вчера го претресла домот на тинејџерот во Палатица. Полицајците заплениле повеќе негови електронски уреди, во кои е можно да има докази за тоа дека момчето ги испраќало заканувачките пораки.
„На 27.02.2026 во 09:10 часот во село Палатица, Тетовско, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М. Р. (18) од село Палатица. Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи. По преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни“, пишува во полициското соопштение.

Македонски


