Skip to main content

АфД не може да се класифицира како „екстремистичка“- пресуди Управнот суд во Келн

Германското разузнавање во моментов не може да ја класифицира крајно десничарската партија Алтернатива за Германија –АфД (AfD) како „докажано екстремистичка“, пресуди денеска Управниот суд во Келн, цитиран од француските медиуми, во својата пресуда со која ја поддржува антиимиграциската партија.

Како водечка опозициска сила на коалицијата на конзервативниот канцелар Фридрих Мерц, АфД како целина сè уште не претставува „главна тенденција, непријателска кон Уставот“, се наведува во судската одлука, со што се поништува класификацијата направена во 2025 година од страна на безбедносните служби.

Одлуката на германскиот суд да ја поништи класификацијата на Алтернатива за Германија како „докажано екстремистичка“ десничарска партија е „голема победа“ за партијата, „демократијата и владеењето на правото“, напиша копретседателката на партијата Алис Вајдел во објава на социјалната мрежа Икс.

Со одлуката, која ќе ја спречи германската домашна разузнавачка агенција да воведе полициски надзор врз партијата, судот во Келн, исто така, „стави кочница на фанатиците кои повикуваат на забрана“ на АфД, додаде Вајдел.

Најголемата опозициска партија во Германија се соочи со жестоки критики поради своите антиимиграциски ставови, што доведе до тоа некои од нејзините најистакнати политичари да побараат нејзина забрана, објави ДПА.

Тоа го привлече вниманието на разузнавачките агенции, кои истражуваат дали етнонационалистичките ставови на партијата претставуваат закана за слободниот, уставен поредок на земјата.

Поврзани вести