Skip to main content

Културната дипломатија како визија, одговорност и трајна вредност

Во време кога културната дипломатија сè поизразено се наметнува како суптилна, но исклучително моќна стратегиска алатка на современите држави, се одржа работна средба меѓу директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, и градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски. Оваа средба претставуваше суштински дијалог за улогата на културата како темел на националниот идентитет.

На средбата се отворија прашања кои навлегуваат во суштината на културната мисија на институциите. Разговорот беше насочен кон иднината, односно кон тоа, како локалната самоуправа, кога е раководена од висока свест за сопствената културна улога, може да стане активен чинител во меѓународната афирмација на државата. Зашто, во времиња кога идентитетот се гради и брани преку вредности, а не преку реторика, културата останува најдостоинствениот и најблагородниот амбасадор на една нација.

Во својство на директор на Македонскиот КИЦ во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Пејковски му врачи Плакета на градоначалникот Стевановски, што претставува признание за неговата посветеност и континуирана поддршка на македонската култура во странство. Овој чин имаше длабока симболика, бидејќи тој претставуваше потврда дека визијата, кога е проследена со конкретни дела, создава трајни вредности. Градоначалникот Стевановски ја препознава културата како жив организам и како една динамична сила што ги поврзува генерациите, го продлабочува чувството на припадност и ја втемелува духовната самосвест на народот.

Плакетата го означува неговиот придонес во афирмацијата на македонските културни вредности, во градењето духовни и интелектуални мостови меѓу народите и во унапредувањето на културната дипломатија како инструмент на дијалог, пријателство и взаемна почит. Овој гест добива уште поголема тежина ако се има предвид дека средбата се одржа во годината кога се одбележуваат 20 години од основањето на Македонскиот КИЦ во Софија – јубилеј што претставува симбол на институционална зрелост, континуитет и посветена работа.

Во текот на изминатите две децении, Македонскиот КИЦ во Софија се изгради во респектабилен културен простор, препознатлив по својата програмска содржина и по својата доследност во мисијата. Преку бројни изложби, концерти, книжевни вечери, научни трибини и мултимедијални проекти, тој стана автентичен прозорец кон македонската духовност и креативност. Во неговите простории се одвива дијалогот меѓу традицијата и современоста, меѓу историското наследство и новите уметнички изрази. Токму затоа, дваесетгодишното постоење не е само временска одредница, туку доказ дека континуитетот создава кредибилитет, а кредибилитетот раѓа доверба.

Средбата меѓу проф. д-р Пејковски и градоначалникот Стевановски се вклопува во поширокиот процес на градење партнерства што ја надминуваат локалната рамка и се насочени кон создавање одржливи модели на културна соработка. Се разговараше за конкретни иницијативи, за потенцијалите на Општина Новаци како простор со богато културно и историско наследство, како и за можностите за нивна презентација на меѓународната сцена преку платформите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

Особен акцент беше ставен на потребата од стратешка координација, взаемна институционална поддршка и визионерски пристап во осмислувањето на идните проекти.

Заедничката определба е јасна: културата не смее да биде маргинална активност, туку државотворна мисија. Таа е простор каде се создаваат вредности, каде се обликува колективната меморија и каде се изразува современата креативна енергија. Македонската традиција и современото творештво имаат свое достоинствено место на меѓународната сцена – не како формалност, туку како суштински придонес кон европскиот и светскиот културен мозаик.

Воедно би требало да се напомене дека оваа средба испрати силна и недвосмислена порака, која: преку интегритет, партнерство и интелектуална храброст, културната дипломатија може да се издигне во столб на националниот углед. Таа не е само инструмент на претставување, туку процес на градење доверба, почит и трајни односи меѓу луѓето.

И токму затоа, кога културата се негува со љубов, а се води со визија, таа станува сила што трае низ времето. Во тоа траење се огледа вистинското достоинство на една нација – достоинство што не се наметнува, туку се заслужува преку континуирана работа, мудрост и духовна зрелост.

Поврзани вести