
Земјите членки на ЕУ веројатно нема да постигнат договор денес за предложениот нов пакет санкции против Русија, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, пренесува Ројтерс.
Блокадата на Унгарија јасно стави до знаење дека на денешниот состанок на министрите за надворешни работи нема да се постигне консензус за предложените мерки, изјави Калас пред новинарите пред состанокот.
Будимпешта вчера објави дека ќе го блокира одобрувањето на 20-от пакет европски санкции против Русија поради прекинот на испораките на руска нафта преку нафтоводот Дружба.
Европската Унија предложи нови санкции против Русија на почетокот на февруари, насочени кон банкарскиот и енергетскиот сектор. Новиот пакет санкции би бил дваесетти од почетокот на руската офанзива врз Украина на 24 февруари 2022 година. Исто така, се предлагаат и нови забрани за увоз и извоз.
Вадефул: Унгарците да се преиспитаат
Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе ја повикаат Унгарија да ја преиспита својата одлука за блокирање на следниот пакет санкции на Европската Унија против Русија, изјави денес во Брисел германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
„Не верувам дека е исправно Унгарија да ја предаде сопствената борба за слобода и европски суверенитет“, нагласи германскиот министер за надворешни работи.
„Затоа повторно ќе им ги презентираме нашите аргументи на Унгарците во Будимпешта, но и тука во Брисел, секако, и ќе ги замолиме да го преиспитаат својот став“, додаде тој.

Македонски



