
Поранешната светска тенисерка број еден, 44-годишната Американката Серена Вилијамс, доби дозвола повторно да се натпреварува на ВТА и грен-слем турнирите, иако самата сè уште не ги објави своите намери дали ќе се врати на теренот.
За да се квалификува за враќање на професионалниот тенис, 23-та грен-слем шампионка мораше да биде достапна шест месеци за ненајавени допинг тестови.
Овој шестмесечен период истекува денеска и Серена Вилијамс од идната недела може да учествува на професионални турнири на кои ќе добие „вајлд-карта“ од организаторите.
Нејзината сестра, една година повозрасната Венус Вилијамс, веќе доби вајлд-карта за ВТА 250 турнирот во Остин (23 февруари – 1 март) и планира да се натпреварува и во поединечна и во конкуренција на двојки.
По Остин, уште два многу поголеми турнири ќе се одржат во САД во март, во Индијан Велс (4-15 март) и Мајами (17-29 март), што би можело да послужи како сцена за потенцијално враќање на Серена Вилијамс.

Македонски



