
„Диџеј Ахмет“, првиот долгометражен филм на македонскиот режисер Георги М. Унковски се најде во топ 10 најгледани филмови во 2025 година во „Синаплекс“ каде што лани беа прикажани повеќе од 60 различни остварувања.
По три години пауза од „Те дуа жими мене“ на режисерот Марјан Гавриловски, македонскиот филм повторно е дел од Топ 10 листата. „Диџеј Ахмет“ е еден од најгледаните македонски филмови во Синаплекс, кој остана на репертоарот во текот на јануари и февруари, велат од „Синаплекс“.
„Диџеј Ахмет“ скопската премиера ја имаше лани во октомври, а светската беше на „Санденс“ лани во јануари, каде што ги доби Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Потоа следеше регионална премиера на Сараевскиот фестивал каде што ја освои Специјалната награда за перспектива на младите. „Диџеј ахмет“ бил прикажан на повеќе од 40 фестивали во 10 земји и има освоено над 20 награди.
За разлика од минатата година каде доминирале блокбастери и Марвел филмови, оваа година се забележува промена, па така првите две позиции ги заземаат анимирани филмови за деца: „Lilo & Stitch“ и „Minecraft“.
Она што треба да се истакне е дека се забележува тренд на враќање на децата и родителите во кината по периодот на стагнација, додаваат од „Синаплекс“..
Минатото лето во 2025 година се одржа првата сезона на летно кино на отворено, која привлече голем број посетители и се најавува реализација на летно кино и за 2026 година, со поразновидна програма и поширок избор на филмови.
Сите проекции летото 2025 беа распродадени во рок од неколку часа, а вкупниот број на посетители надмина 10.000, со вкупно 30 прикажани филма на отворено, додаваат од „Синаплекс“..
Значајно за летното кино беше и одбележувањето на 20-годишнината на најгледаниот македонски филм на сите времиња – БалканКан, со проекција која по две децении повторно беше прикажана пред публика во Скопје.
Од 11 март, на репертоарот ќе се најде и македонската драма One More Game во режија на Ник Јансен, каде што главните улоги ги толкуваат Тони Михајловски, Ведран Чешарек и Петар Маниќ. Филмот претставува современа тин-драма што ги обработува темите на светот на гејмањето и предизвиците со кои се соочува едно конзервативно општество.
Во 2026 година српскиот филм Свадба собра над 25.000 продадени карти во „Синаплекс“, додека во цела Македонија бројката надмина 35.000 гледачи.
Најочекувани филмови во 2026 година се The Odyssey, Devil wears Prada 2, Dune 3, Avengers: Doomsday, Mandalorian and Grogu, Michael, To Story 5, Minion, Verity, Focker-in-law, Jumanji 3, Angry Birds 3, Hunger Games: Sunrise on the Reaping….

Македонски



