Skip to main content

Историски ден за македонската психијатрија, промовирани се првите акредитирани учебници по психијатрија издадени од Медицинскиот факултет

МИА

Во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беа промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија – „Психијатрија“ и „Медицинска психологија и социологија“. Авторскиот тим на учебникот „Медицинска психологија и социологија“ го сочинуваат проф. д-р Димитар Боневски, невропсихијатар, проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, психијатар, проф. д-р Антони Новотни, невропсихијатар и виш научен соработник, Андромахи Наумовска, специјалист по медицинска психологија. Уредници на учебникот „Психијатрија“ се проф. д-р Димитар Боневски, проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска и проф. д-р Антони Новотни, невропсихијатар.

Пред промоцијата директорката на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска изјави дека ова е историски ден за македонската психијатрија, во академска смисла.

Тоа се први акредитирани учебници издадени од нас, однсоно преку Медицинскиот факултет. Акредитирани учебници по психијатрија и по медицинска психологија. Зошто е толку многу важно? Зошто значи огромен развој во однос на академската мисла, но и емпириската. Науката цело време се развива и ние мораме да бидеме во чекор со науката. Од друга страна мора да бидеме корисни и за оние што сме наменети, односно наставниците се во корист на студентите. Доколку ние создаваме квалитетни студенти, тоа утре значи квалитетни доктори, стоматолози и останати здравствени работници и тоа подразбира поквалитетна здравствена зашита, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска.

Таа истакна дека први акредитрани учебници значи дека се целосно научно покриени, следејќи ја светската литература, светските тераписки водичи и воопшто не заостануваме во психијатријата и психологијата во светот.

Тоа значи огромен чекор за нас. Огромен чекор за психијатријата во Македонија, во однос на развој, но и секојдневна клиничка примена. Не само за студентите, туку и за сите доктори, специјализантите, специјалистите и за сите останати кои сакаат да читаат психијатрија и медицинска психологија, подвлече Арсова Хаџи-Анѓелковска.

Проф. д-р Антони Новотни, невропсихијатар при Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје изјави дека учебникот по психијатрија и учебникот по медицинска психологија и социологија се први акредитирани учебници во последните 30-40 години. Откако постои Медицински факултет, како што рече, ова се првите акредитирани учебници од Медицински факултет.

Претходно постоеја учебници кои беа добри научни помагала, но не беа акредитирани од Медицинскиот факултет. Значењето токму затоа е големо. Тоа се патеки по кои нашите студенти, специјализанти и практичарите треба да ги следат. Во ова време на брзи информации, каде интернетот ни дава брзи и за нешто достаточни информации, тука имаме структура, патеки, она што е неопходно за нашите млади колеги го стекнат како искуство. Имаме искуство вткаено во овие учебници. Не се само наредени факти, туку е и клиничка мисла, клиничка проценка која сме ја стекнувале со години, низ генерациите. Патеките кои ги оделе нашите претходни генерации и ние и по кои веројатно, унапредувајќи ја психијатриската наука, ќе одат и нашите млади колеги, рече Новотни.

Поврзани вести