
Македонскиот алпски скијач, Виктор Петков го заврши својот прв олимписки настап на Зимските олимписки игри Милано Кортина 2026.
На една од најпредизвикувачките патеки во светот, „Стелвио“ во Бормио, Петков во дисциплината велеслалом го освои 55-то место во силната светска конкуренција.
Оваа велеслаломска трка беше одбележана со екстремно високо темпо и историски резултати.
По првата трка, Виктор се наоѓаше на делба на 57-та позиција со остварено време од 1:27,36 минути. За тежината на патеката и нивото на конкуренцијата зборува и фактот што водечки по првото возење беше извонредниот Лукас Пињеиро Братен (Бразил), кој подоцна стана и сензационален олимписки шампион.
Покажувајќи голема смиреност и добра тактика во второто возење, младиот Петков успеа да го поправи својот пласман и да се искачи на конечната 55-та позиција.
Со овој резултат, Виктор успешно ја заврши својата мисија на овие зимски Олимписки игри, потврдувајќи го својот потенцијал како иден предводник на македонското алпско скијање.

Македонски



