
Високата претставничка на Европска Унија за надворешна политика Каја Калас денеска изјави дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност.
Сите се потписници на Повелбата на Обединетите нации. Принципите се таму. Но, што се случува ако некој ги прекрши тие принципи? Одговорноста очигледно не функционира – наведе Калас на панелот „Пресвртна точка: Меѓународниот поредок помеѓу реформата и уништувањето“ на Минхенската безбедносна конференција.
Таа оцени дека и Советот за безбедност не функционира како што треба, а ОН не го одразуваат светот каков што е во моментов.
Повеќето земји во светот сакаат поредок базиран на правила, тие сакаат правила што ќе регулираат како комуницираме едни со други и како меѓусебно дејствуваме – истакна Калас.
Таа посочи дека големите меѓународни конфликти низ историјата го поттикнале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза претставува можност за светот да се развива.
Коментирајќи ја процената на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека стариот светски поредок повеќе не постои, таа истакна: „Што е спротивното на светскиот поредок базиран на правила? Тоа се тиранијата и војните. И тоа е очигледно каде сме во моментов“.

Македонски



