Skip to main content

Во КСП Центар – ЈАДРО ќе биде отворена изложбата на слики од сериите Писмо и Анамнеза на Валентина Поцеска и  инсталациите Ткиво 3, Ткиво 4 и Храм на Татјана Миљовска

Просторност и темпоралност
Изложба на слики и инсталации од Татјана Миљовска и Валентина Поцеска

14 февруари (сабота) I 18:00 часот 
Изложбата може да се посети до 20 февруари, секој работен ден од 10:00 до 15:00 часот

На 14 фебруари (сабота) во КСП Центар – ЈАДРО, во 18 часот, ќе биде отворена изложбата на слики од сериите Писмо и Анамнеза на Валентина Поцеска и  инсталациите Ткиво 3, Ткиво 4 и Храм на Татјана Миљовска. На  изложбата ќе се промовира и каталогот Просторност и темпоралност, со што ќе се заокружи целиот проектот. Изложбата Простoрност и темпоралност се реализира минатата година (2025) во јуни, во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, на која, под кураторство на Сузана Милевска, Поцеска изложуваше колаж-слики од серијата Писмо, Миљовска настапи со инсталации и интервенции со цртежи во простор под наслов Ткиво1 и Ткиво 2, а  Виолета Чаповска се претстави со видеоперформансот Сена и видеото Секвана.

Оваа поставка на двете авторки во КСП Центар – ЈАДРО е надоврзување на претходната со неизложени дела од истите серии, но и со нови дела: Миљовска со инсталацијата Храм, a Поцеска со слики од актуелната серија Анамнеза, сè  во духот на еко-феминизмот и на задоволството во течението на чувството преку збор (текст/писмо) до слика. 

Татјана Миљовска е родена во 1966, во Битола. Миљовска дипломирала во 1992 г. и магистрирала во 2011 г. на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на отсекот сликарство. Во ноември 2020 година ја одбранила докторската дисертација со наслов Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство на Културолошките студии при Институтот за македонска литература (ИМЛ при УКИМ) . Од 1986 до 1992 година била член на уметничката група „Зеро“, а ретроспективна изложба со групата имала во 2009 г. во Мала станица. Во 2023 г. ја објавила книгата Духовното во апстрактното сликарство. Поважни самостојни изложби има изложувано во Национална галерија Даут пашин амам, Скопје (1996); Музеј на современа уметност, Скопје, (2003); Магаза, Битола; Сарај, Ресен и Куќата на Робевци, Охрид, (2009);  Музеј на град Скопје, (2011); Галерија Метаноја, Скопје, КСП Центар-Јадро (2023) и Национална галерија Чифте амам (2025). 

Валентина Поцеска е родена во 1965, во Скопје. Во 1987 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на отсекот сликарство. Во 2010 година завршила магистерски студии по културологија (во книжевноста) на Институтот за македонска литература (ИМЛ) при УКИМ во Скопје. Во 2014 завршила докторски студии по културологија (ИМЛ при УКИМ) со наслов: Современи филозофии на конзервација на културното наследство и нивното влијание во Македонија. Остварила неколку студиски престои за конзервација и реставрација, во Истанбул, Атина, Белград и Фиренца. Поважни самостојни изложби има изложувано во КИЦ, Скопје (1991); Музеј, Битола, Прилеп, (1992); Безистен, Штип, Дом на културата, Куманово (2008);  Галерија Метаноја, Скопје (2024) и Национална галерија Чифте амам (2025). Од 1992 година работи во Националниот конзерваторски центар – Скопје во Ателјето за конзервација на икони.
 


Поврзани вести