Skip to main content

Мисајловски во Брисел: Здружени во НАТО можеме да го издржиме секој предизвик

Министерство за одбрана

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на сојузничките земји.

Мисајловски, како што информира Министерството за одбрана, се осврна на целите, приоритетите и активностите кои се преземени од страна на Владата, Министерството за одбрана и Армијата, во согласност со договореното од последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на Алијансата кое денес, како што наведе, е повеќе од потребно во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање.

фото: Министерство за одбрана

Дури и во време на глобални геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што нѐ поттикна толку енергично да се стремиме кон членство во НАТО со децении – потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како Алијанса можеме да го издржиме секој предизвик што ќе ни се најде на патот, рече министерот Мисајловски.

Тој посочи дека нашата држава продолжува да го зголемува буџетот за одбрана, а со тоа останува и максимално посветена на осовременување на македонската Армија.

фото: Министерство за одбрана

За модернизација, како што се наведе, годинава се одвоени над 32,5 проценти од македонскиот одбранбен буџет, што е далеку над она што е предвидено да биде согласно НАТО целите, односно одвојување на 20 отсто од одбранбениот буџет за модернизација.

Веќе потпишаните договори со повеќе сојузнички држави успешно се заокружуваат, но имаме и тековни договори, кои придонесуваат за модернизирање и опремување на Армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана, рече министерот за одбрана.

Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човековите капацитети, а „доказ за тоа е фактот дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за НАТО оценувањето кое претстои во април оваа година“.

Министерот додаде дека активно ќе продолжиме да партиципираме во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ, како во рамки на источното крило на Алијансата, така и во рамки на КФОР и АЛТЕА, сѐ со една цел – мир, стабилност, безбедност и просперитет за државите и граѓаните.

фото: Министерство за одбрана

За време на состанокот, министерот Мисајловски даде силна поддршка на мировните напори на САД за воспоставување мир во Украина и на европскиот континент.

По завршувањето на состанокот, министерот Мисајловски замина за Минхен, каде ќе биде дел од македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на претстојната безбедносна конференција која ќе се одржи од 13 до 15 февруари 2026 година.

Поврзани вести